Надлежните вчера официјално го идентификуваа починатиот планинар кој падна од карпа во провалија близу Титов Врв. Како што информира СРВ Тетово станува збор за 28 годишниот С.Ф. од Белгија. Неговото тело беше пронајдено вчера и со хеликоптер на МВР беше извлечено од местото.

Преку ЦУК-Тетово во СВР Тетово завчера во 17 часот и 30 минути, Ф.Н.(24) од Куманово пријавил дека движејќи се со уште едно лице, негов пријател, кон Титов Врв, околу половина километар пред да се искачат, другото лице паднало од карпа во бездна и се повредило, но дека поради непристапниот терен и маглата Ф.Н. не можел да види за какви повреди станува збор и практично да му помогне.

Набргу по пријавувањето, соопштија потоа од МВР, била организирана спасувачка потрага по двете лица во која учествувале екипи на МВР, ЦУК, СВР Тетово, ТППЕ Тетово и други лица, кои со специјални теренски возила и хеликоптер се упатиле на посоченото место.

„По извесно време спасувачките екипи го пронашле Ф.Н. и го пренеле во тетовската Клиничка болница за укажување на лекарска помош, a двајца припадници на МВР се повредиле во акцијата. Второто лице денеска (9 ноември) претпладне беше пронајдено починато и со хеликоптер на МВР беше извлечено од местото каде паднало завчера“, се појаснува во соопштението.

Јавен обвинител и екипа од СВР Тетово извршија увид и се расчистува и документира случајот.