Имаше тешко детство заедно со неговиот брат, а мајка им ги израсна сами. Мојата тетка ги исчува сама, таа целиот живот го посвети на нив. Сега веќе кога застанаа на свои нозе, тој заврши фатално од ништо. Татко му почина пред десетина години, а претходно замина во странство. Мајка им ги израсна во момчиња, да се снаоѓаат сами во животот. За жал, ете до каде била судбината, ако веќе било судбина..

Ова е дел од потресното сведоштво на Слаџана Ризинска од Берово чиј братучед Јован Димовски, како што тврди, починал од сепса откако му била направена интервенција на заб во Клиничката болница во Штип.

Таа проговори за голготата низ болничките лавиринти со кои се соочил 25-годишното момче пред да почине. Нагласува дека Јован си дошол дома во страшни болки по лекувањето на забот во Штип, но раната се чистела. Во меѓувреме му паднал дренот и бидејќи било недела (21-ви август), тој отишол во Итната медицинска помош во својот град. Таму му била направена преврска и му било кажано дека треба повторно да оди за Штип.

„Негово другарче го однесе за Штип и таму истиот доктор му направил повторно интервенција и му го ставил дренот наопаку. Уште таму Јован му рекол дека цела страна почнува да го боли и дека голта крв. Докторот му рекол дека имал многу пациенти и дека сите ги боли. Се вратил за Берово во неделата. Кога се вратил дома, Јован се гушел во болка и добил уште поголем оток. Тетка ми вели дека му се фаќало цело тело, не можел да стане од кревет. Почнал да повраќа крв и гној и заминале во амбулантата во Берово каде бил повикан неговиот матичен заболекар и таму констатирале дека тој има дрен наопаку. Не тече крв од раната, туку навнатре и Јован веќе бил затруен“, раскажува Ризинска за порталот „ММС.мк“.

Додека траела голготата на момчето, од Берово го пратиле директно за Скопје. Во возилото сепак, неговата ситуација се влошила, за што посведочила и медицинската сестра која била дел од тимот.

– Вчера зборував со медицинската сестра која била во возилото на Итната медицинска помош и таа рече: „Ќе застанам зад случајот“. Пред Штип, Јован изгубил свест. Ја држел за рака и ѝ рекол: „Јас ќе умрам, се гушам и не можам да дишам“ – додава Слаџана за „ММС.мк“.