„Заради неовластено користење на електрична енергија мрежата е преоптоварена и се случуваат дефекти“ – рече денеска претставник од ЕВН. „Тие не се никакви крадци“ – изјави Крешник Бектеши, министерот за економија

Со вакви ставови заврши едночасовната средба меѓу министерот за економија, градоначалникот на Арачиново и претставници од засегнатите институции откако вчера општината повторно доби струја. Проблемот, според Бектеши, ќе се решава од понеделник кога екипите на ЕВН ќе почнат да вршат наплата на долговите.

„Точно е дека има загуби на електрична енергија, но загубите не се само во Арачиново и само Арачиново да се земе како општина што не плаќа фактури за електрична енергија или пак да бидам подиректен, тоа што слушаме последните денови, дека се краде струја. Во секоја општина и во секое семејство понекогаш има некој што не ги почитува регулативите на тоа што треба да го одржиме“ – Бектеши

Како градови кои имаат поголеми загуби на струја ги посочи Скопје, Тетово, Гостивар и Кичево и ги повика сите да ги платат своите долгови.
Од ЕВН, пак, очекуваат од следната недела непречено да си ја вршат својата работа.

„Ние мора да имаме непречен пристап до основните средства, како што далеководи, трафостаници, броила. Мора да обезбедиме истите да работат точно. Мора нашите екипи непречено да работат. Не само да работат, туку откако ќе си заминат тие средства треба да останат безбедни“

Арачиново речиси 2 дена остана без струја, а вчера жителите излегоа и на протест. Ова видео кое вечерва се појави на социјалните мрежи покажува дека недостиг на електрична енергија нема и снабдувањето е стабилизирано.