Во експлозија што се случила претпладнево во фабричкиот комплекс за оружје „Арсенал“ во бугарскиот град Казанл’к загинале тројца работници и уште тројца биле повредени и пренесени в болница, јави бугарскиот онлајн-медиум mediapool.bg, пренесува агенцијата Мета.

Инцидентот се случил нешто по 11 часот по локално време, во објект во кој се чуваат пиротехнички средства. Според најновите информации, загинати се тројца вработени и тројца се повредени. Според очевидци цитирани од mediapool.bg, се слушнала голема експлозија и над комплексот се издигнал голем темен облак од чад.

Во последниот инцидент во овој фабрички и магацински комплекс во август лани, еден работник загина во пожар.

Ова, за несреќа, не е изолиран инцидент во бугарските комплекси за оружје, односно во последниве години во експлозии во „Арсенал“ Казанл’к, во Горни Лом, Ловнидом, Петол’чката, Костенец, М’глиж и Иганово загинале вкупно 20 вработени, а десетици биле повредени. Минатата година бугарското обвинителство соопшти за руска вмешаност во четири експлозии во воени складови во Бугарија, потсетува бугарскиот онлајн-медиум mediapool.bg.