Новинарот на Клан Македонија Фуркан Салиу, објави видео во кое е снимен разговорот меѓу него и директорката на клиниката за детски болести, Аспазија Софијанова.

Фуркан на Софијанова и покажа документи, во кои наводно пишува колку пари земала докторката од дежурства, на кои според информациите на новинарот, таа не одела.

Софијанова не ги негираше документите, туку се интересираше кој му ги дал, на што Фуркан Салиу одговори дека е негово право да не го каже изворот кој му ги дал документите.

-Ова се интерни документи, кои ти не смееш да ги имаш, му рече Софијанова, притоа напоменувајќи го дека ќе го пријави на место каде што треба.

Новинарот Фуркан Салиу ја замоли да одбере датум кога била на дежурство и да ги отворат снимките од камерите за да се види дали таа навистина дошла на работното место, или само фиктивно наплаќала дневници.

По ова Софијанова се налути, му рече тој сам да ги види камерите, дека е многу паметен, стана и си замина. По ова, на својот профил на социјалните мрежи, Фуркан Салиу напиша:

„Седум години во оваа професија, прв пат ми се случува некој да се јави кај моите родители за да побара нешто да не се објави. А да не зборувам за заканите од директорката за тужба. Работа ни е да прашуваме за да нешто се потврди или негира, но од видеото јасно може да се види дека директорката инсистира да дознае од каде се земени документите, а многу помалку се труди да одговори на дилеми кои се појавија од документите кои ги добивме. Директорке, не е фер да се заканувате на вработени дека ќе ги избркате од работа ако не се најде кој ни ги доставил документите, подобро е да се потрудите да најдете одговори. Денеска дојде новинарска екипа, утре можеби од обвинителство… ИТН“, напиша Салиу на својот профил на социјалните мрежи.

Доцна вечерва, новинарот ги објави и вкупните бруто примања на докторката:

– Мораме да обезбедиме фер услови за сите лекари. Се знае зошто бегаат од оваа држава. Јас сум за да се платат директорите по 5000 евра за да нема корупција, ама толку треба да бидат платени и лекарите за да не мора да бегаат од оваа држава, пишува доцна вечерва новинарот Фуркан Салиу на својот Фејсбук профил.