Обвинетите за убиство на ракометарот Денис Тот, првпат влегоа во судница. Анџело Ѓорѓиевски од Волково, Клементина Лефковска од Драчево, Андреј Костовски од Ново Село беа спроведени од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари. За настанот постојат две ЦД уреди со снимки, каде се гледаат дејствијата на секој од обвинетите кои биле преземени.
Првоосомничениот за убиството на Тот, Анџело Ѓорѓиевски од Волково, Клементина Лефковска од Драчево, Андреј Костовски од Ново Село, не се чувствуваат виновни за убиството на ракометарот Денис Тот пред ноќен клуб во Скопје. Сите разбираат за што се товарат и зошто се на обвинителна клупа.
„За кривичното дело и за обвинителниот акт не се чувствувам виновен. Не признавам вина“ кажа Ѓорѓиевски.
„Го разбирам обвинението. Не се чувствувам виновна“, кажа Лефковска.
„Не се чувствувам вина за ова дело кое ми се става на товар“, кажа Костовски.
Обвинителката од Скопското јавно обвинителство даде воведни зборови во кои кажа дека тројцата обвинети и Тот, излегле од ноќниот клуб во парк за да си одат, влегле во такси возило кое стоело пред ноќниот клуб, па по кратка расправија во таксито, обвинетиот Костовски излегол, дошол до Тот кој се уште бил во возилото и започнал да го влече за рака за да го извади од возилото.
„Откако излегол оштетениот надвор, имало вербална расправија, Андреј се оддалечил и застанал до предната десна врата на возилото. Обвинетата Клементина, излегла од задната лева врата на возилото и најпрво почнала да го турка оштетениот со двете раце по градите. Во тој момент, од возилото од задната лева врата, излегол и обвинетиот Анџело кој ја оттргнал обвинетата Клементина од оштетениот и го удрил најпрво со денсата рака со тупаница во пределот на левата страна на главата, а потоа, со тупаница, со левата рака, во пределот на десната страна од главата. По што оштетениот од ударите паднал на асфалтот и додека истиот лежел на асфалтот, обвинетиот Андреј му се приближил и го удрил со нога во пределот на телото. А потоа, и обвинетата Клементина, со нога го удрила во пределот на главата, при што обвинетиот Анџело ја оттргнал, но истата повторно дошла до оштетениот и со десната нога, во два наврати го удрила оштетениот во пределот на главата. Притоа и обвинетиот Андреј, со тупаница, го удрил оштетениот во пределот на главата, по што, обвинетите Анџело и Клементина, влегле во такси возилото со намера да си одат, но обвинетата Клементина, повторно излегла од возилото и повторно го удрила со нога во пределот на градите“, кажа обвинителката.
По овие удари, Тот имал повеќе повреди, кои биле тешки, а како резултат на тие повреди, тој паднал во кома и бил пренесен во Ургентниот центар.
„Како резултат на нагмечувањата во пределот на главата, како резултат на настанатата траума дошло до пореметување и прекин на активноста на мозочните неурони, кое резултирало со смртен исход“, додаде таа.
На стартот од судењето, адвокатот Емил Гугутчески од Прилеп, застапник на обвинетата Клементина, бараше одлагање.
„Ние немаме добиено ниту обвинителен акт. Во разговор со родителите на Климентина, тие побарале од првиот адвокат да им ги достави доказите, но не ги добиле бидејќи не можеле да го добијат. Бараме да се одложи главната расправа, за две недели, да се спреми одбрана“, рече адвокатот Емил Гугутчески.
Судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ не дозволи одлагање.
„Доказите треба да ги побарате од Обвинителството, како што ги добиле другите колеги. Извршивте увид во предметот. Несериозно е да барате одлагање на кривичен предмет, каде клиентите ви се во притвор. Да барате одлагање на предмет поради предмет за развод на брак, е несериозно“, кажа таа.
Be the first to write a comment.