Бегство од над 12 и пол илјади километри беше успешно до минатиот четврток и траеше 15 месеци. На крај заврши со раце во лисици и потпрен до бел ѕид додека го апсеа специјалците на МВР.
Зад сивата блуза која ја носеше и неколкудневната брада која му го покриваше лицето се криеше како што го нарекуваа Австралијците, kingpin (главен шеф) на меѓународна криминална група која се занимавала со препродажба на големи количини дрога.
Илија Рафтоски беше уапсен во Струга за дела извршени во Перт, Западна Австралија. Во акцијата учествувале и австралиски инспектори кои пристигнаа во Македонија, а секако „зачин“ додаде и американската агенција за борба против наркотици DEA.
Претходно ланската година имаше апсења во Австралија. Тогаш полицијата на западна Австралија заплени 7 милиони долари во кеш, 28 килограми хероин, 3 кг метиламфетамин (Ice или „мраз“), 6 парчиња оружје и над 3 илјади парчиња муниција. Австралискиот круг според австралиските медиуми го создал и водел Рафтоски, со потекло од Струга.
-Во текот на оваа меѓународна операција во Австралија лишени се од слобода 13 лица кои биле припадници на криминални групи поврзани со групата која ја координирал И.Р., при што била запленета голема количина наркотична дрога метиламфетамин и кокаин во вредност од над 10.000.000 австралиски долари, како и голем износ на парични средства, соопшти МВР по апсењето.
За Струга и Македонија, слушнаа и полицајците од Австралија кои тука го најдоа засолништето на нивниот балкански нарко бос.
-Полициските сили на Западна Австралија повторно докажаа дека се подготвени да одат до секој агол на планетата за да го отстранат злото кое го предизвикува дрогата на австралискиот брег и по улиците на Западна Австралија, изјави во „американски стил“ аташето на ДЕА во Австралија, Кевин Меркел.
И ќе нагласи „резултатите покажуваат така“ додека на сајтот на МВР на Македонија стои видеото со апсењето на фатениот во струшкиот агол на планетата. Групата била организирана и комуницирала преку криптирани телефони и профили на социјални мрежи отворени под псевдоними на кои се разменувале шифрирани пораки каде да се однесе дрогата, како да бидат спакувани парите, кој да ги преземе.
Но австралиската полиција успеала да ги прочита шифрите и лани ја организирала акцијата „Comstock“ (австралиски збор за оној што оди до крај во борбата и во одмаздата). Прв бил уапсен 61-годишен австралиец кој имал цврсти врски со балканската нарко група во Австралија, а најдени се и огромни количества дрога и пари.
Be the first to write a comment.