Јавното претпријатие „Национални шуми“ го објави новиот ценовник за огревно дрво, кој беше усвоен на минатонеделната владина седница. Цените се зголемени за 20 отсто, откако претходно беа непроменети од 2009 година, пишува Фактор.

Цената на најскапото и најквалитетното дрво – дабот, се зголемува од 2.900 денари на 3.564 денари по кубен метар. Поскапени се и другите видови огревно дрво: буката на 3.444 денари, јаворот сега чини 3.204 денари, тополата 3.084 денари по кубик…

„Национални шуми“ лани пријави добивка од околу 1,6 милиони евра, откако Владата интервенираше со субвенции во пандемиската година.

„Овие цени за „Национални шуми“ во овој момент не се финансиски исплатливи. Со овие цени ние работиме со загуба“, изјави в.д. директорот Валентин Груевски, кога јавното претпријатие бараше дозвола од Владата за зголемување на цените.

„Национални шуми“ годинава планира да произведе околу 400.000 кубни метри огревно дрво, што е за 50.000 кубици повеќе од лани. Но, годинава значително се зголемил и интересот на граѓаните да се греат на дрва, а директорот рече дека листата на чекање станува сѐ подолга.

„Граѓаните се плашат и се создава страв дека можеби ќе нема струја, па тие што никогаш не користеле дрво, сакаат да набават. Дел од тие што набавувале одредена количина на дрво, извештаите се дека сакаат да земат дупло повеќе. Во тоа може да настане одреден проблем во однос на тоа дали ќе има или не“, рече Груевски.