Седумнаесетгодишниот хрватски средношколец од Умаг, најверојатно паднал од петти кат од зграда во Прага каде што бил излезен со сите соученици и четворица професори за време на училишна екскурзија, објави утрово хрватски „Јутарњи“. Се работи за несреќен случај, а 76-те преостанати ученици кои биле на патување ноќеска околу 1 часот по полноќ се вратиле дома.

Сите се многу потресени од ситуацијата и од овој немил инцидент што се случи ноќта меѓу петокот кон саботата во 00:30 часот во Прага, а околностите како се случила трагедијата се уште не се разјаснети. Децата патувале со пулската туристичка агенција „Зеатурс“, која постојано организира училишни екскурзии.

– Ова патување беше во наша организација и ова е прв пат по 30 години да се случи такво нешто. Ова досега не сме го доживеале и од 1 часот по полноќ сме во постојан контакт со директорот и наставниците кои беа на лице место со децата за време на настанот. Сите се потресени, но некако успеаја да се соберат и да организираат одговорно враќање на децата назад во Порече. Професорите, како и децата, биле во голем шок, вели Флорис Милохановиќ, директор на туристичката агенција „Зеатурс“.

Тој додава дека на родителите им понудиле секаква помош за патувањето во Прага, нивните водичи, партнери.

– Не знаеме што се случило надвор таа вечер, но полицијата ја исклучила можноста за насилна смрт, па децата биле пуштени да се вратат во Хрватска. Немаме податоци од полициските извештаи од истрагата и тоа најверојатно ќе оди преку амбасадата. Колку што знам, обдукцијата на телото ќе биде утре, па ќе биде вратено во Хрватска. Се работи за несреќен случај, паѓање од голема височина, изјави видно потресениот сопственик на агенцијата од Пула.

Директорот на училиштето Крешимир Брониќ вели дека наставата ќе се одржи утре, но дека доаѓа кризен интервентен тим да им пружи психолошка помош на сите ученици кои биле на екскурзијата.

– Ќе одржиме и родителски средби со учениците и родителите. Сите сме уште потресени, изјави Брониќ. Тој вели дека не знае дали тој како директор ќе добие полициски извештај од Прага или постапката ќе се одвива преку Министерството за наука и образование.