До неодамна можеше да се купи нов компактен семеен автомобил за нешто повеќе од 13.000 евра, а денес речиси и да нема автомобили за поприфатлива цена.

Цените на автомобилите скокнаа и до 30 отсто, а судејќи според последните информации, поскапувањата ќе продолжат.

Главен виновник за натамошното поскапување би можело да биде екологијата, односно се построгите стандарди за емисија на штетни гасови. Воведувањето на стандардот Еуро 7 за 2025 година практично значи дека адаптацијата на класичните бензински и дизел мотори би можела да се одрази со поскапување на автомобилите за 3.000 до 5.000 евра.

И тука не станува збор за медиумски шпекулации, туку за оценка на директорот на Фолксваген, Томас Шефер. „Евтините автомобили наскоро целосно ќе исчезнат од пазарот. Со мали автомобили речиси е невозможно да се апсорбираат овие дополнителни трошоци“, изјави Шефер за Welt am Sonntag. И навистина, доколку се оствари ваквото поскапување, тоа би значело дека некои помали автомобили би поскапеле и до 30% само поради стандардот Еуро 7.

Нов автомобил од 10.000 евра веќе е минато, а се предвидува дека во иднина во понудата ќе доминираат електричните автомобили. Фолксваген таму подготвува мал ID.2, а наводно неговата почетна цена нема да надмине 25.000 евра.