Лекарските грешки не се ништо ново, но за жал стануваат се почести или барем потранспарентни. Семејствата на починатите пациенти се револтирани од бавната работа на правосудните институции. Таков е случајот и со оваа сторија која доаѓа од Босна и Херцеговина, а која ја пренесува телевизијата Н1.

Шефика Нухиќ покажа слики од нејзината 37-годишна ќерка Нермина Рожајац. Пред и по операциите. Операции на срцето, непотребни, тврди Шефика, поради што нејзината ќерка починала. А требало да биде само рутина, така ѝ кажал докторот, вели Шефика. Но, што се случило за време или по операцијата, дури 16 месеци по смртта на нејзината ќерка, таа не дознала.

„Пријавија дека ја држат успиена. Излегувањето од операционата сала, небудењето на пациентот, ни беше сомнително. Беа толку арогантни – што прашувате цело време, таа е успиена. Третиот ден по операцијата се јави ќерка ми и таа и рече – зошто се јавуваш, ти твојата сестра ја изгуби. Ми го убија детето“, вели Шефика.

На отпусното писмо напишале дека Нермина починала од природна смрт. Како доказ семејството побарало обдукција, но не добило. Така тие се обратиле до кантоналното обвинителство. Но и до ден денес не му дале никакви информации на семејството. Сдвокатот на семејството Нухиќ, Дамир Колџо, кој освен овој, работи и на десетици слични случаи, вели дека правосудството во вакви случаи потфрла.

„Стручниот патолог не го доставува својот извештај со месеци, а потоа вештакот кој треба да ви ја каже причината за смртта и се останато доцни неколку месеци. Зошто обвинителството не го повика тој вештак и да каже рокот е истечен, ако не може, сменете го вештакот, нема да го направи, ЗКП утврди и можност за казни за пропуштени рокови и се останато. Не, обвинителството не го прави тоа, обвинителството дозволува така да стои“, рече адвокатот Дамир Колџо.

Според Законот за кривична постапка рокот за завршување на истрагата е една година. Одговор од Обвинителството КС не добивме ниту на прашањето до каде е истрагата за смртта на Нермина Рожајац.

Непрофесионалните и несовесните лекари мора да бидат отстранети од системот, вели Шефика. Нермина Рожајац ја остави нејзината 14-годишна ќерка. Поради неа, вели Шефика, нема да се откаже и ќе трага по вистината.