Предупредувачките знаци биле извадени и тројцата другари не знаеле за опасностите кога нуркале на Халкидики. 28-годишникот и понатаму се води за исчезнат, а надежите почнуваат да бледнеат, пишуваат попладнево грчките медиуми.

Потрагата на Халкидики по 28-годишниот кој и понатаму се води како исчезнат засега не вродила со плод.

– Новите информации ги зголемуваат стравувањата, бидејќи младиот турист од Северна Македонија не знаел да плива. Тој бил понесен од моменталната радост и нурнал во морето, заедно со двајцата негови пријатели, кои се спасени. Никој од младите не ја знаел опасноста од местото во Посеиди. Некој ги извадил знаците за предупредување што биле таму и затоа повеќето од туристите не беа свесни за силните морски струи што постојат. Тројцата пријатели направија роденденска забава за еден од нив и во одреден момент нурнаа на Халкидики. Многу брзо се најдоа во ситуација да се борат за живот, пишуваат грчките медиуми.

28-годишникот прв нурнал во „Мити“ на Посеиди на Халкидики. Потрагата на крајбрежната стража ги пронајде двете лица, додека операцијата за потрага по 28-годишникот продолжува.

Општина Касандра на Халкидики наскоро ќе започне со неопходните работи, за веднаш да се постават табли за предупредување на туристите за брзаците кои постојат на локалитетот, за во иднина да не се повторат идентични инциденти. Исто така, во минатото Културното друштво Касандра ставило табли на лице место, но некој отишол и ги отстранил.

– Според информациите, 28-годишниот кој е исчезнат не знаел добро да плива и неговата ситуација се смета за исклучително тешка, бидејќи поминале повеќе часови откако е изгубен во морето. Но, пронаоѓањето на 30-годишникот напладне во неделата ги обнови надежите на блиските и на претставниците на крајбрежната стража, кога со хеликоптер еден од нив беше забележан на 15 милји од брегот од Катерини, објавија медиумите.