Бројот жртви како последица на студеното време во Авганистан расте, со регистрирани 124 починати за две седмици, изјави синоќа официјален претставник на авганистанските власти, пренесува BBC.

Шафиула Рахими, портпаролот на Националната управа за управување со катастрофи на земјата, изјави за ДПА дека повеќе од 50 куќи се целосно или делумно уништени, а од студот угинале 70 илјади грла најразлична стока.

Многу хуманитарни агенции ги прекинаа операциите во последните недели откако талибанците им забранија на авганистанските жени да работат за невладини организации.

Талибански министер рече дека и покрај смртните случаи, указот нема да биде променет.

„Повеќето од луѓето кои ги загубија животите на студот беа овчари или луѓе кои живеат во рурални области. Тие немаа пристап до здравствена заштита“, рече Мула Ахунд.

„Загрижени сме за оние кои сè уште живеат во планинските региони. Повеќето од патиштата што минуваат низ планините се затворени поради снегот.

И овогодинешните операции за помош се попречени од минатомесечниот указ на владата на Талибанците со кој им се забранува на авганистанските жени да работат во хуманитарни агенции.

Но, мула Ахунд беше категоричен. Овој указ не можеше да биде укинат – меѓународната заедница, инсистираше тој, мора да ја прифати исламската култура на Авганистан.

„Мажите веќе работат со нас во спасувачките напори и нема потреба жени да работат со нас. Мажите од секое семејство веќе учествуваат во хуманитарните напори, така што нема потреба од жени“, изјави тој за Би-Би-Си.

Претставниците на хуманитарната помош, вклучително и Обединетите нации, итно се обидуваат да најдат начини како да ја заобиколат оваа забрана.