Средношколка од Африка починала помалку од половина час откако била касната од една од најсмртоносните змии во светот. Мелоди Чипутуру (17) била касната за бутот од црна мамба додека седела во училница во средното училиште Рушинга во Зимбабве.

– Учениците ја открија змијата и сите ги фати паника, некои скокнаа од прозорците – рекол професорот Кристофер Муренга, пренесе „Фокс њуз“.

Мелоди била пренесена во болница, но починала пред да пристигне, помалку од 30 минути по каснувањето.

– Додека стигнавме во болница беше предоцна. Ова е тешко да се прифати, болно е. Не разбирам како може змија да се вовлече во училницата и да ја касне ќерка ми – рекол таткото на Мелоди.

Змијата била убиена веднаш по нападот. Не е јасно како влегла во училницата, но Fox News известува дека не е невообичаено змиите да ползат во зградите во топлите денови.

Црната мамба може да порасне до четири метри и се смета за една од најбрзите и најотровните змии во светот. Има кафеава боја и го добило името по синкаво-црната нијанса во устата, која се отвора широко кога ќе се почувствува загрозена. Тие потекнуваат од африканските савани.