Министерот за здравство, д-р Беким Сали, денеска (понеделник, 18 јули), во 17 часот ќе одржи прес-конференција во Министерство за здравство (горна сала) по повод истражувањето на ИРЛ за клиничката болница „Жан Митрев“.

Јавното обвинителство оформило предмет по документарната емисија „Нечиста крв“ објавена на ИРЛ, во која медиумот објавува дека клиниката „Жан Митрев“ вршела клиничка студија со методот на хемофилтрација без да пријави, а воедно се обработуваат и смртни случаи, кои имале по неколку бактериски инфекции.

„Веднаш по објавата на наведената документарна емисија, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет врз основа на инструментот на допрен глас, предвиден во Законот за кривична постапка. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител кој ќе преземе дејствија за проверка на наводите од кои произлегуваат индиции за кривични дела против здравјето на луѓето“, велат од ЈО за 360 Степени.

150 нови пријави по објавениот документарец

Стотици нови пријави од граѓани добиле новинарите на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) по објавата на епизодата „Нечиста крв“ во рамки на серијалот „Редакција“, која се однесува на злоупотреба на методот на хемофилтрација од страна на кликата Жан Митрев за време на ковид-19 пандемијата. Како што за Мета.мк вели Сашка Цветковска, основач и одговорен уредник на ИРЛ, тие се благодарни што граѓаните се охрабрија да се вклучат во разоткривање на нечесните пракси кои со години директно ги загрозуваат човечките животи.

Главното дејство на оваа епизода се одвива околу сведочењето на семејството Брезеви чиј член починал во приватната клиника откако му биле администирани повеќе хемофилтрации, а добил и повеќе интрахоспитални бактериски инфекции кои влијаеле на влошување на неговата состојба.

„Добивме повеќе од 150 нови пријави од граѓани кои имале исто или слично искуство како семејството Брезеви. Пријавите од граѓани се однесуваат и на лекувања и третмани во други приватни и државни болници, а не само на болницата на Жан Митрев“, вели Цветковска.

Таа истакна дека почнувајќи од денес а и наредниов период тимот на ИРЛ ќе биде фокусиран да ги исконтактира сите граѓани кои се обратиле до редакцијата, додавајќи дека ИРЛ е составена од мал тим на новинари и секоја помош од колегите од други медиуми е добредојдена.

„Ние немаме моќ освен нашите зборови и работа, ние не сме МВР и обвинтелство, но очекуваме надлежните институции да ги заштитат луѓето и конечно некој да се позанимава со луѓето во институциите кои секојдневно ги гледаат и ги премолчуваат овие злосторства врз животот и здравјето на граѓаните“, рече Цветковска.

Истражувањето „Нечиста крв“ се базира на 24 пријави на граѓани од Северна Македонија и Косово според кои пациентите се користеле како „експериментални заморчиња“ а притоа им се наплаќале и голем суми на пари без да се известат дека се дел од медицинска студија.

ПЗУ Жан Митрев : Фабрикуваните информации на ИРЛ ја дискредитираат Клиниката

По објавата на документарниот филм насловен како „Нечиста крв“ на новинарската организација ИРЛ во кој има шокантни сведочења за работата на Клиничката болница Жан Митрев во соопштение до јавноста, преставниците на болницата за „Слободен печат“ реагираат за објавеното истражување на ИРЛ во јавноста бидејќи според менаџментот деновиве на социјалните медиуми се објавени невистини и наведувачки информации поврзани со работата на Клиничката болница Жан Митрев.

– Клиничката болница Жан Митрев успешно работи за добробит на граѓаните веќе 22 години, нудејќи им услуги сертифицирани по светски стандарди, професионална грижа во насока на подобрување на здравјето, што е докажано во безброј успешни случаи. Ваквиот пристап продолжи да се применува и во текот на светската панедмија предизвикана од страна на вирусот Ковид 19, во кој период клиниката со многу труд, волја и неизмерно себевложување од своите вработени придонесе за спасување на огромен број на човечки животи – велат од клиниката Жан Митрев.

Од таму додааваат дека се згрозени од тенденциозниот говор на омраза, употребуван кон нивната институција, како и од неточните наоди, односно од фабрикуваните информации кои се насочени кон креирање на лажна слика во пошироката јавност за работата на клиниката.