Се подготвува Закон за амнестија за граѓаните кои не можат да ги платат казните поради непочитување на мерките за време на пандемијата. Нема да важи за рестораните, за кафулињата, за фирмите и за другите правни лица кои ги прекршуваа протоколите. Освен социјалниот елемент, намерата на овој закон е да се избегне и одење во затвор на оние кои не можат да платат. Само во Кривичниот суд до сега над 200 граѓани добиле покана за затвор.

Со Закон за амнестија, државата ќе им простува на прекршителите на мерките во ковид-19 пандемијата, дознава Телма. Предлог законот кој се изготвува, треба да го предложат група на пратеници од владеачкото мнозинство, велат нашите извори. Една од целите на законот е социјалниот момент, односно да им се помогне на граѓаните кои не можат да ги платат казните кои се движеа од 1 до повеќе илјади евра за двете кривични дела – Пренесување заразна болест и Непостапување според здравствените прописи во време на пандемија. Законот, според наши информации, нема да важи за фирмите, за институции, за угостителски објекти и за други правни лица кои не ги почитуваа уредбите и мерките ниту за нивните одговорни лица.

Другиот апсект, велат, е да се избегне пренатрупаноста на затворите, бидејки сите оние кои во рок од две години нема да ги платат паричните казни, казната им се заменува со затворска.

Само во Кривичниот суд до сега, 280 неплатени парични казни, се променети со затворски, а 205 осудени лица веќе добиле упатни акти да одат во затвор. Во овој суд се и најголем број од граѓаните казнети поради неносење на маски, поради непочитување на мерките за изолација на почетокот и за прекршување на полицискиот час или 1223 граѓани и иницијативата за амнестија дошла од таму. Инаку во сите судови во државата за двете кривични дела парични казни добиле над 6.000 граѓани. Законот треба да ја уреди постапката како на овие граѓани паричните казни да им се заменат со условни и начинот на кој ќе се одвива постапката за амнестија.