Тивок во судница, со негодување во судскиот ходник. Обвинетиот Суад Бајрам (45) од Скопје, таткото обвинет дека го уби тримесечното бебе доби затвор од 20 години. Основниот кривичен суд Скопје денес го огласи за виновен за кривичното дело убиство при вршење на семејно насилство. Бајрам призна дека го сторил убиството и пред судиите изразил жалење и каење за стореното. Но, денес по изречената казна затвор од 20 години тој негодуваше дека тоа се многу години затвор и кажа дека очекувал помала казна бидејќи, како што рече, немало сега кој да се грижи за другите 3 малолетни деца, објави порталот МКД.мк.

Во судница иако прашан дали има нешто да додаде, рече дека нема што да каже, но во судскиот ходник ја побара адвокатката која го застапува и се пожали дека 20 години затвор за делото кое го сторил е многу висока казна и дека бил подготвен на добие казна, но малку пониска, односно барем 15 години.

„Дваесет години затвор е многу висока казна. Јас сега има 45 години и до кога ќе седам во затвор? Имам уште 3 малолетни деца и за нив нема кој да се грижи. Мислев помала казна ќе добијам”, и се пожали обвинетиот на адвокатката.

По изречената висока затворска казна за стореното кривично дело обвинителката Марија Демирова Панајотова побара, а судот прифати да ми ја продолжи мерката притвор до правосилноста на пресудата.

„ Со оглед на висината на затворската казна, начинот на кој што е сторено кривичното дело, како и тоа дека обвинетиот е безимотен, невработен, а и е веќе осудуван за ваков вид на кривично дело, односно се работи за криминогена личност, постои реална опасност од бегство и предлагам мерката притвор да се продолжи”, рече обвинителката Демирова Панајотова.

Судот го прифати предлогот и обвинетиот кој беше спроведен од Истражниот затвор во Шутка, беше вратен во притвор со одлука на судот, каде ќе биде се до правосилност на пресудата.

Oсновното јавно обвинителство Скопје лани, во септември донесе наредба за спроведување истражна постапка против таткото кој при вршење семејно насилство го лишил од живот сопственото дете, со што сторил кривично дело – убиство од член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик, според кој е предвидено најмалку десет години, а најмногу доживотен затвор.

Од ЈО информираат дека ноќта меѓу 25 и 26 септември, додека осомничениот бил во домот со четири малолетни деца, меѓу кои и тримесечниот син, почнал да го удира детето со раце и нозе по главата и телото. На тој начин му нанел повеќе повреди, кои предизвикале крвавење во черепната празнина, како резултат на кои тримесечното бебе починало.

Првостепената пресуда не е првосилна и обвинетиот има право на жалба во делот за висината на казната.

ФОТО: Роберт Атанасовски мкд.мк