Бојан Јовановски-Боки 13 е хоспитализиран во градската болница „св. Наум Охридски“, дознава „А1он“.
Тој е задржан на лекување поради влошена здравствена состојба, потврдува и неговиот адвокат, Сашко Дуковски. Јовановски има хронични здравствени проблеми со желудникот, а ова не е првпат од затвор да биде префрлан и задржуван на болничко лекување.
Адвокатот Дуковски за „А1он“ вели дека Јовановски има здравствени компликации. Ова доаѓа откако тој е префрлен во полоши затворски услови, факт што го констатираше и Народниот правобранител, а што според Дуковски е една од причините поради кои Јовановски сега се наоѓа во болница.
„Тој е лице од ризик во смисла на здравјето, без разлика кој и што мисли. Тој беше префрлен од едно во друго одделение во затворот, каде условите се максимално различни. Но не е само тоа, Јовановски има сериозни здравствени проблеми. Сега, не случајно е хоспитализиран во болница. Му се прават испитувања, а од нив ќе зависи дали ќе биде подложен на хируршка интервенција која е многу веројатна. Тоа треба да го покажат испитувањата. Реално, според Законот за извршување санкции, секој има право на здравствена заштита. Едно да имаш здравствена заштита за да те однесат на преглед, а друго е да тебе те задржат таму и да можеби ти кажуваат дека ќе биде опериран. Е сега, кога ќе бидеш опериран, одлучуваат медицинарите. И само ова ќе го кажам, никој никого не хоспитализира без причина“, вели Дуковски за „А1он“.
Тој кажа дека дијагнозата не е сега поставена, туку станува збор за проблемите со желудникот кој Јовановски ги имаше уште претходно, а поради кои исто така беше хоспитализиран и лекуван во градската болница и порано.
„Уште кога беше во притвор, тој исто беше долго време лекуван во истата болница. Сега не може тоа магично да се излечи. Не можам да зборам за нешто што не е мој домен на работа“, додава Дуковски.
На Јовановски му се потребни хигиено-дитетски услови, посочи Дуковски, а истото стои и во извештајот на Народниот правобранител кој по посети во затворениот дел на затворот.
„Во претходно одделение (полуотворено) можеби делумно ги имаше овие услови, сега ги нема. Ова е резултатот“, посочи адвокатот.
„А1он“ веќе објави дека Јовановски на почетокот од месецов е преместен скоро најлошите услови во затворот „Идризово“. Директорот Шпенд Тахири одлуката за преместување ја донел само четири дена откако беше поставен на функцијата, но ниту на Јовановски-Боки 13, ниту на адвокатскиот тим не им ги кажал причините.
Народниот правобранител констатира дека тој не смее да биде сместен таму поради неговата здравствена состојба. Условите се нехумани, под сите стандарди пропишани со домашното и меѓународното законодавство.
Шпекулациите за преместување на Јовановски-Боки 13 во овој дел на затворот почнаа откако тој се согласи да даде интервју за „А1он“. Адвокатскиот тим на Јовановски се сомневаше дека преместувањето би било реваншизам со кој ќе се овозможи молк и дупла казна.
Директорот на Управата, Марјан Спасовски не одговара на прашањата од „А1он“ како дошло до одлуката Јовановски-Боки 13 да биде сместен во далеку полоши услови од претходно. Оттаму, исто како и од затворот нема официјално објаснување зошто дошло до преместувањето.
Be the first to write a comment.