Драги Рашковски не е на фотографиите кои се споделуваат на социјалните мрежи и кои се посочуваа како доказ дека ексгенералниот секретар на Владата е во Грција, на Халкидики. Мажот кој е фотографиран е од Скопје и е навреден што е спореден со Рашковски.

„А1он“ го потврди ова откако направи компарација на фотографиите каде се посочува дека е Рашковски, со јавно објавените фотографии на скопјанецот кој тврди дека е на нив. Скопјанецот на социјалните мрежи објавувал фотографии од него и шаторот уште минатата година, а тие се јавно достапни.

„А1он“ го праша скопјанецот дали знае кој го фотографирал тајно и на која локација се направени, но тој одби да одговори. Фотографиите на кои се наоѓа тој станаа вирални и предизвикаа лавина реакции, поради тоа што се тврдеше дека се направени на Халкидики, а Рашковски не смее да ја напушта Македонија бидејќи нема шасош.

Претходно, адвокатот Владимир Доневски за „А1он“ посочи дека е лага објавената информација на социјалните мрежи заедно со фотографијата, каде се тврдеше дека неговиот клиент летува на море.

„Не е точно, лага е. Тој е во Македонија“, одговори адвокатот Доневски на прашањето од „А1он“ дали Рашковски е надвор од Македонија иако е без пасош, кој не сакаше повеќе да коментира.