Градоначалничката Данела Арсовска ги тргна портретите на досегашните градоначалници на Скопје кои над 20 години стоеја во салата за состаноци до нејзиниот кабинет, објаи порталот САКАМ ДА КАЖАМ (СДК.мк)

Неколку месеци по доаѓањето на функцијата, Арсовска наредила портретите да се тргнат од салата и да се закачат во ходникот каде што се вецињата и бифето. Така, сега портретите на Петре Шилегов, Коце Трајановски, Трифун Костовски, Ристо Пенов, Јове Кекеновски, Горан Николовски и Милан Талевски висат над вецињата, во ходник каде што не поминува Арсовска.

Уште од времето на Ристо Пенов, а можеби и пред тоа, портретите од сите досегашни градоначалници стоеја во салата за состаноци, која се наоѓа и е дирекно поврзана со канцеларијата на Градоначалникот на Град Скопје. Во оваа сала, градоначалниците одржуваат работни состаноци, примаат поголеми делегации и гости. Исто така, во салата каде беа досега портретите повеќе од 20 години сите досегашни градоначалници одржуваа прес-конференции и брифинзи со новинари, новогодишни приеми за медиумите и работни средби со нив.

ФОТО: СДК.мк

Со доаѓањето на Арсовска на градоначалничката функција тоа веќе не се случува. Само првиот месец кога стапи на функција одржа два брифинзи во салата за состаноци и потоа прес-конференциите, кои се ретки и се помалку од 10 за една година мандат, ги одржува во ходник во салата на Советот, која е сосема на друга страна од нејзиниот кабинет.

Портретите се извадени пред месеци, но никој од новинарите кои со години ја следат работата на Град Скопје цела година не влегол во бараката каде е канцеларија на Арсовска и не забележал дека сликите се ставени во ходник, над вециња.