На 48 години ненадејно почина наградуваниот новинар, уредник, репортер и водител Мислав Баго.

Информацијата за неговата смрт ја објави медиумската куќа „Нова ТВ“ каде тој работеше во последните 13 години.

„Мислав остави неизбришлива трага во хрватското новинарство, но и во нашата редакција. Беше омилен колега и уредник, секогаш подготвен да помогне. Сите научивме многу од него, се восхитувавме на неговата страст за работа, секогаш со нова идеја, секогаш чекор понапред. Неговото предвремено заминување е голема загуба за сите нас“, изјави Ксенија Кардум, директор на информативната програма на „Нова ТВ“.

Баго ја почна кариерата во хрватската национална телевизија. Бргу се специјализира за внатрешна политика и стана еден од најпочитуваните репортери во Хрватска.

Во 2006 година ја доби наградата „новинар на годината“ за серијата интервјуа со поранешните премиери Иво Санадер и Ивица Рачан.