Синоќа во Штип ненадејно почина реномираниот бизнисмен Ванчо Богдов, кој пред две години ја даде својата фабрика „Вабо“ на користење на работниците за тие да менаџираат со неа преку избран менаџмент составен од искусни конфекционери и квалитетни инженери. Богдов имаше 62 години.
Како поранешен спортист и спортски работник, Богдов беше претседател на најтрофејниот боречки клуб во Македонија, Балканец од Штип, во последните години практикуваше да трча и пешачи по патеките во Штип, најмногу покрај коритото на реката Отиња.
На еден од пешачките мостови на реката синоќа го добил првиот срцев удар. Минувачи, меѓу кои и студенти по медицина, го реанимирале, го пренеле во болницата каде починал.
Богдов во пошироката јавност беше познат и како голем хуманист и ктитор. Во 2010 во населбата Балканска кај Штип почна да ја гради црквата „Св. Константин и Елена“, која е осветена и првата литургија е одржана во 2015. Говореше дека кај него секогаш била присутна мислата да изгради црква затоа што единствено црква не може да се продаде и со векови ќе остане на народот .
Според семејството, Богдов ќе биде погребан утре, а ќе се одржи и опело во црквата „Св. Константин и Елена“. Богдов има два сина од кои едниот последниве години живее и работи во Австрија.
Be the first to write a comment.