Кога на 19 јануари во угостителски објект во Охрид пет лица најпрво вербално, а потоа и физички се пресметале поради меѓусебни долгови од криминална природа, ретко кој од нив можеше да претпостави дека нивните нарко-недоразбирања можат да ги достигнат овие димензии. Како долгот од 500 евра за неплатен кокаин стана главно прашање во македонско-бугарските односи, а овие последниве тоа го пренеле до Брисел, пишува порталот МКД.мк во својот текст.

На 19 јануари браќата Сереј и Саво, Илија и Н.Н. (сѐ уште непознато лице за полицијата) влегле во кафеаната „Тино“ каде бил и Христијан Пендиков, новопечениот Бугарин и секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис III“. Четворицата почнале да си го бараат долгот од 500 евра од Христијан за претходно предадениот кокаин. Христијан веќе подолго време успешно ги избегнувал, но овојпат морал директно да се соочи со неговите довчерашни добри нарко-соработници. Немал 500 евра, почнала вербална расправија за време на која биле споменати и мајки и сестри и Бугари и шајки…, за да на крај сѐ заврши со скршената вилица на Пендиков која била оперирана во Софија.

Во охридската полиција имињата на сите актери на тепачката во „Тино“ се добро познати по нивната криминална природа. Се работи за лица кои биле регистрирани во полициските записници, чии имиња се поврзани со тепачки, насилство, нарушители на јавниот ред и мир и препродавачи на дрога. Веќе објавивме дека Пендиков лани на 17 јануари бил фатен како препродава кокаин во село Лескоец и дека против него има кривична пријава за препродавање дрога.

И покрај сите овие податоци со кои располага и македонската полиција и македонското обвинителство, оваа меѓусебна пресметка на нарко дилери лесно заврши како тепачка предизвикана од меѓуетничка омраза, како пресметка на Македонците со Бугарите.

На ова се надоврза и соопштението на државното Јавно обвинителство кое само ги потврди избрзаните изјави на македонските политичари дека се работи за тепачка мотивирана со етничката припадност на Пендиков. Обвинителството информира дека пред да го истепаат на Пендиков му било кажано „не ти е срам да се пишиш Бугарин”. Ова беше уште подобра подлога за македонските и бугарските политичари – нашите со својата сервилност, а бугарските политичари со својата агресивност безрезервно да го злоупотребат овој инцидент пренесувајќи го дури и до Брисел.

Официјално, за македонската полиција истрагата за случајот е во тек. Приведено е едно лице, а по Н.Н. лице се трага. За него се претпоставува дека тоа е лицето кое има бугарски пасош и дека избегало во Битола.

Она што е исто така интересно е дека ниту еден од напаѓачите не сака да ја каже вистинската причина за тепачката затоа што така би признале дека се препродавачи на дрога што, се разбира би повлекло и соодветни пријави. Па така, нивната надеж е дека етничката димензија на тепачката може да даде подобри резултати во однос на нивните односи со полициските и правосудните органи.

И во целата оваа каша, засега најдебелиот крај го извлече Илија, приведениот тепач, кој според полициски извори е сосема поинаква личност во споредба со неговите другари, познати насилници и криминалци во охридската чаршија. А во чаршијата добро е познат и таткото на Илија, кој освен како сопственик на дуќан кој како добар домаќин секогаш топло ги пречекувал бугарските туристи, во 2009 година бил еден од првите охриѓани кој помагнал во спасувањето на 50 бугарски туристи за време на несреќата кога туристички брод потона во Охридското Езеро. Тогаш се удавија 15 бугарски туристи.

Истрагата за тепачката во „Тино“ е во тек, велат од МВР. (МКД.мк)