Мирјана Смиљаниќ (57) од Белград пред четири години, токму кога помислила дека сè во животот и е дојдено на свое место, дознала дека има рак на белите дробови во четвртата, претпоследна фаза.

Во тој момент единствената мисла што ѝ се вртела низ главата била – „Смртната пресуда пристигна.“ За среќа, за пациентите како неа денес постои современа терапија, благодарение на која може да живее квалитетен живот. Мирјана примила модерна терапија, а денес се чувствува како да не е болна.

Иако била страствен пушач, Мирјана била убедена дека нема шанси да заболи од рак, бидејќи белите дробови секогаш и биле добро и немала други хронични болести. Верувала дека е здрава како дренк, а потоа пред три години почнала да кашла и да плука крв…

– Во моментот кога почнав да посетувам лекари поради плукање крв, никој не можеше ни да помисли дека сум болна. Не бев жолта, ниту слаба, крвната слика ми беше добра. Отпрвин мислеа дека ми пукнал капилар, дека крвта ми е од носот или забите. Потоа ме испратија на скенер, каде што беа забележани некои промени, а потоа на бронхоскопија. По шест месеци се потврди дека имам рак на белите дробови, аденокарцином во четврта фаза – вели Мирјана.

Предавањето не е опција за мене

Потоа, додека ја читала дијагнозата на отпусен лист од ВМА, Мирјана се сеќава дека имала огромна желба да вреска, бидејќи не можела да ја прифати страшната вест.

– Се запрашав: „Зошто ова да ми се случи токму сега кога конечно требаше да уживам во животот?“. Моите синови се пораснати, оженети, имам внука и илјада причини за живот. Колку и да ми беше тешко, предавањето не беше опција за мене. Се испостави дека имам релапс, дека ракот ми се прошири на левото белодробно крило. Ме оперираа, а после тоа ми препишаа хемотерапија, од која толку ми се слоши што изгубив надеж за позитивен исход.

Имала среќа, вели таа, што тие денови имунотерапијата била ставена на позитивната листа на лекови и дека анализите покажале дека може да ја прими.

– Докторот ме упати на Клиниката за пулмологија на УКЦС, примив имунотерапија, потоа беше донација, а сега е на позитивна листа и луѓето можат да ја добијат на трошок на државата, што е многу добро, бидејќи за многумина тоа е единствената шанса да се живее.

Само за да не се разнесе ова сениште

Мирјана прима имунотерапија од март 2020 година, а скенирањето на белите дробови покажува хронична состојба, промените во белите дробови се уште постојат, но не се шират.

– Благодарение на имунотерапијата, ова сениште стивна, и искрено се надевам дека така ќе биде уште долго. Откако сум на оваа терапија, веќе повеќе од две години се чувствувам како да не сум болна. Возам кола, одам на пазар, играм со внукот. Само да потрае оваа состојба, би била презадоволна.