Италијански државјанин (80) кој живее во дом за стари лица, ризикува да оди на суд, бидејќи вешто избегнал да плати патарина вредна 4.000 евра, користејќи специјална техника која, според локалните медиуми, почесто е резервирана за превоз во метро.
Марио, две години патувал со својот автомобил „фиат пунто“ по италијанските автопати, а не платил ниту евро, тврдејќи дека трошоците за патарините се прескапи и не вредат да се платат, бидејќи услугите се лоши.
Марио успеал да избегне да ја плати патарината возејќи блиску до возилото пред него. Тој буквално се „лепел“ до возилото кое стоело на наплатната рампа и на тој начин ќе поминел истовремено со него, пред таа да се спушти.
По извесно време работниците на автопатот во Италија ги зеле снимките од сите надзорни камери на патарините каде што поминувал мажот и на овој начин успеале да му влезат во трага и да го идентификуваат.
Компанијата откри дека Марио бил на места како Рим и Неапол за време на неговите патувања и сега се соочува со судење за обвинение за измама, освен ако не ги плати 4.000 евра што и ги должи. Сепак, тој одбива да го стори тоа.
Откако италијанскиот пензионер бил фатен и се соочил со сумата што ја должи, наводно на својот адвокат му рекол дека не сака да го плати долгот.
„Не плаќам! Автопатот е јавна услуга, не можат да наплатат патарина, а да не зборуваме дека цените се превисоки за услугата што се нуди“, наводно му рекол Марио на својот адвокат.
Според италијанските медиуми, Марио на својот адвокат му рекол дека вози ноќе поради досада во старечкиот дом каде што престојува.
„Другите жители легнуваат во одредено време, а потоа што да правам? Не можев да седам цел ден во таа соба“ му објаснил Марио на својот адвокат и додал:
„Патувањето отсекогаш било моја страст, ми го отвора срцето, сакам да одам на нови места, и ќе одам додека можам!“.
Be the first to write a comment.