Лила и Лилјана Тодорови, од мајка Ратка и татко Иван, од село Мушково, Кратово, родени на 25-ти мај во далечната 1955 година, ја имале судбината да не живеат и растат покрај своите родители, сестра и три браќа, бидејќи мајка им починала по породувањето, а татко им не можел самиот да се грижи за сите деца.

Близначките кои сега би требало да имаат по 68 години, неофицијално, биле оставени во Домот за доенчиња и деца во Битола, а што потоа се случувало со нив, дали и каде биле посвоени, дали евентуално и двете биле посвоени во исто семејство, останува енигма за нивните блиски роднини, кои со години безуспешно трагаат по нив.

Дали добиле други имиња, дали можеби и податоците околу датумот и место на раѓање им се променети, останува непознато.

Нивната единствена сестра, Кумрија Јосифова, која е девет години постара од нив, се уште не губи надеж дека еден ден ќе ги пронајде. Тројцата браќа, Русе, Љубе и Петруш, за жал починале, а сега потрагата по Лила и Лилјана ја продолжува ќерката на Кумрија, Анета, но и синот на еден од браќата, Тони Иванов.

-Нашата потрага трае долги години. Татко ми почина многу одамна, млад, а потоа починаа и неговите браќа, жива е само тетка ми Кумрија, сестра на близначките. Од она кое го знаеме, баба ми починала по породувањето, а Лила и Лилјана 12 дена биле во болница. Од таму, заедно со бабицата биле однесени, како што му кажале на дедо ми, во Домот за деца во Битола, но тоа со сигурност сепак не можеме да го тврдиме.

Многу прашања останаа неодговорени – за „Фокус” раскажува внукот од брат на близначките, Тони.

Појаснува дека пред повеќе од десет години се појавил и на ТВ емисија и ја раскажал приказната за потрагата. Но, до денес, никој не му се јавил да му даде било каква информација.

– Во Домот во Битола повеќепати се јавувавме, ни беше кажано дека тоа се тајни податоци и не можат ништо да откриваат. И преку Центарот за социјална работа од Кратово испратив писмен допис до Битола, но одговорот секогаш беше ист. Мала надеж ми даде една соседка, која ми раскажа дека пред долги години татко и, кој сега е починат, на телевизија гледал интервју со две сестри близначки, Лила и Лилјана, кои работеле како докторки во Скопје. Претпоставка е дека можеби тоа се тие, но тој тогаш не кажал никому, не запамтил детали, и целата работа остана само на шпекулации – вели Иванов.

За презимето Иванови, појаснува дека првин на целото семејство им било Тодорови, и не знае зошто потоа било променето во Иванови, некаде во шеесеттите години.

-Значи, близначките се родени како Тодорови, така се запишани и во изводите. Но, во тоа време немало матични броеви. Сето тоа дополнително ја отежнува потрагата. Инаку, ако е од помош, целото семејство сме високи луѓе, дедо ми и баба ми имале светли коси. Фотографија од близначките имавме само една, како лежат на кревет, но со тек на време се изгуби и таа. Немам ниту фотографија од баба ми, а од дедо ми имаме една од времето кога веќе беше стар, со побелена коса. Затоа, тетките ги замислувам како високи жени, со светли коси…

Многу би сакале да ги пронајдеме, да ги запознаеме, да ги запознаеме и нивните семејства. На сите ни е жал што дедо ми морал да се откаже од нив, но самиот не можел да се грижи за шест деца. Кога тие се родиле, неговото највозрасно дете имало 11 години. Тој дури и се трудел близначките да бидат дадени во семејство во Кратово, за да може да ги гледа како растат, но му било кажано дека не може така, туку тие ќе бидат однесени во домот во Битола.

Што и како се случувало потоа, останува енигма. Дали растеле заедно, дали навистина биле однесени во Битола, не можеме никогаш да кажеме со сигурност. Други времиња биле тоа – вели Тони.

Апелира до надлежните служби да се направат промени кога се овие случаи во прашање, бидејќи голем број на луѓе во земјава трагаат по своето потекло, и имаат право да знаат кои се нивните родители. Се отвораат прашања за наследни, генетски болести, за блиски роднински врски, бидејќи сепак Македонија е мала земја, и може да се случи блиски роднини да стапат во контакт, а да не знаат дека се во крвна врска.

До „Фокус” доставија фотографија од Кумрија, сестрата на близначките, која сега има 77 години, во надеж дека можеби некој ќе забележи физичка сличност. Медиумите кои ќе придонесат да се рашири нивната приказна и апел за пронаоѓање на близначките, ги гледаат како единствен спас, кога вратите на сите надлежни институции им се затворени.

Ако некој има информација која би помогнала во пронаоѓањето на близначките, може да го контактира Тони Иванов преку Вибер на 075 355 079.