Нов заплет околу посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Србија, што полека но сигурно се претвора во вистинска сага.

Според српскиот весник „Новости“, доаѓањето на Лавров е под голем прашалник бидејќи, како што неофицијално се дознава, Црна Гора, Македонија и Бугарија го забраниле прелетувањето на неговиот авион.

„Со тоа на дело се потврдија зборовите на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој јавно објави дека работите се комплицираат во врска со планираното доаѓање на министерот за надворешни работи на Руската Федерација“, пишува српскиот весник.

Се додава дека поради новонастанатата ситуација, Вучиќ утре во 10 часот во зградата на Претседателството на Србија ќе се сретне со рускиот амбасадор Александар Боцан-Карченко.