Младата надеж на романската кошарка Алесија Марија Рајку беше пронајдена мртва во својот дом на денот кога наполни 18 години.

Според информациите на локалните медиуми, Алесија била пронајдена во неделата наутро без знаци на живот, а на телото не биле пронајдени траги на насилство.

Телото на младата девојка е предадено на Националниот институт за судска медицина (ИНМЛ), каде што ќе биде извршена обдукција за да ги покаже причините за смртта.

Романските медиуми пишуваат дека Алесија немала никакви болести кои би можеле толку брзо да ѝ го завршат животот.

Канцеларијата за сомнителни смртни случаи на локалната полиција отвори досие за расветлување на околностите под кои настапила смртта.

– Животот на кошаркарката со голема перспектива заврши прерано… Една од најталентираните спортистки од генерацијата 2004 повеќе не е меѓу нас. Алесија Марија Рајку почина на денот кога наполни 18 години. Освои бројни медали на државните младински првенства со КС Олимпија Букурешт. Романскиот кошаркарски сојуз упатува искрено сочувство до семејството на загинатата! Почивај во мир Алесија! – објави романскиот кошаркарски сојуз на Фејсбук.