Во поновата историја на Црна Гора неколку пати се извршени масовни убиства во кои загинаа цели семејства, но никогаш како денес во Цетиње.

Во престрелката во Цетиње загинаа 11 лица, меѓу кои две деца, а шест лица се повредени, потврдија во Управата на полицијата, пренесе РТЦГ.

Престрелката се случила денеска околу 16 часот, кога Вук Бориловиќ (34) од Цетиње пукал од огнено оружје и бил убиен од негов сограѓанин во целата мешаница, соопшти надлежниот обвинител на Вишото државно обвинителство од Подгорица. Претходно медиумите објавија дека Бориловиќ бил убиен од полицијата. Во престрелката е ранет и еден полицаец кој е застрелан во главата.

Се дознава дека на трагедијата и претходел семеен конфликт, по што напаѓачот по случаен избор пукал во случајни минувачи на улицата. Според неофицијални информации, напаѓачот е 34-годишниот Вук Бориловиќ, кој пукал и во деца.

– Две ранети деца на возраст од 8 и 11 години се хоспитализирани во болницата во Цетиње, додека четворица повредени се пренесени во Клиничкиот центар во Подгорица. Од Ургентниот центар за ТВЦГ изјавија дека е примен маж со тешки повреди на главата и градниот кош. Тројца пациенти морале итно да бидат пренесени во операционата сала и повредите биле доста сериозни, јавуваат медиумите.

Директорката на Клиничкиот центар на Црна Гора, Љиљана Радуловиќ вечерва за медиумите изјави дека по денешната трагедија во Цетиње, во таа установа се примени четири повредени лица, од кои тројца се во животна опасност.

За Вук Бориловиќ, оние кои го познаваат велат дека се многу изненадени од тоа што го направил. Велат дека претходно работел како келнер во Националниот парк Ловќен, дека бил мирен сосед, без конфликти со полицијата или мештаните. Бил ловџија, а денеска со ловечка карабина пукал во луѓето. Во куќата имал многу оружје.

Вук Бориловиќ е роден на 21 ноември 1988 година во Цетиње. Основно училиште завршил во Цетиње, а средно бродоинженерство во Белград. Беше оженет и татко на три деца.

По повод невидената трагедија во Цетиње, Владата ќе прогласи тридневна жалост.