Лекот кој вообичаено се користи за лекување на висок холестерол во крвта може да се користи за лекување на рак на простата кој не реагира на хормонска терапија, откриле научниците.

Клиничкото испитување со 12 учесници покажало дека статините го забавуваат растот на туморот кога се даваат со третман кој го намалува нивото на хормони (терапија со лишување од андрогени).

Истражувањето, спроведено од центарот за рак Битсон Вест Скотланд, го поздрави поранешниот војник Џон Калинг (64), кому во 2019 година му бил дијагностициран агресивен облик на рак на простата. Првиот симптом за него бил ноќно мокрење.

„Не бев премногу загрижен. Морав да станувам само еднаш навечер, што не се случило претходно, па промената ме поттикна да одам и да проверам. Дијагнозата беше шок. Имав 60 години, но бев во војска цел живот, така што бев во добра кондиција“, рече тој.

Кулинг добил хемотерапија, зрачење и хормонска терапија кои биел успешни и сега е под контрола, но со оглед на агресивноста на ракот, тој може да се врати.

„Агресивноста на мојот рак на простата значи дека има добри шанси да се врати, па затоа треба да се контролира“, вели Калинг.

Поздравувајќи го истражувањето, кое било финансирано од Cancer Research, Калинг вели дека се надева дека оние на кои им е дијагностицирана оваа болест ќе имаат „уште подобри резултати“ во иднина.

„Свеста за фактот дека научниците работат во лаборатории и болници и спроведуваат истражувања и клинички испитувања, особено со лекови кои веќе се користат за други состојби, ми дава надеж и за себе и за идните генерации. Се надевам дека ваквото истражување значи уште подобри резултати за секој кој можеби ќе мора да помине низ дијагноза како мојата“.

Научниците велат дека ќе треба да се спроведат поголеми клинички испитувања за да се потврди дали статините можат да се даваат заедно со терапијата за лишување од андрогени за поширокиот третман на рак на простата.

Професорот Хинг Леунг од Битсон Институтот за истражување на рак во Глазгов вели дека со терапијата може да се спречи ракот на простата да создаде андрогени од холестеролот, со што ќе оневозможи ракот да се спротивстави на терапијата со лишување од андрогени“.

„Ракот на простата е отпорен на кастрација и хормонска терапија и во моментов е многу тежок за лекување. Доколку понатамошните испитувања бидат успешни, наскоро би можеле да ги користиме овие веќе одобрени лекови за да им понудиме на пациентите подобри опции за лекување. Треба да ги тестираме статините на поголема група на пациентите во текот на подолг временски период целосно да ги разберат придобивките и ризиците за пациентите. Но, овие податоци ни даваат надеж дека можеби ќе имаме некои полесно достапни третмани за рак на простата во иднина“, заклучи тој.