Поранешната професионална тенисерка Јелена Докиќ преку социјалните мрежи откри дека на крајот на април годинава сакала да скокне од 26-ти кат. Таа и претходно често зборуваше за проблемите низ кои минува, а овој пат објави фотографија на која плаче со следните зборови:

– На 28 април 2022 година за малку ќе скокнев од балконот од 26 кат и ќе си го одземев животот. Никогаш нема да го заборавам тој ден. Сè е матно. Сè е темно. Ниту тон, ниту слика, ништо нема смисла… Само солзи, тага, депресија, анксиозност и болка.

Последните шест месеци беа исклучително тешки за мене. Плачев постојано насекаде. На работа се криев во тоалетот за да ги избришам солзите, никој да не забележи, додека постојаното плачење дома стана неподносливо. Чувството на тага и болка не помина, мојот живот беше уништен.

Се обвинувам себеси, мислам дека не сум вредна за љубов и исплашена сум. Знам и дека имам уште многу работи за кои треба да бидам благодарна, а потоа почнувам да се мразам себеси затоа што се чувствувам како да не сум благодарна, затоа што не може да бидам таква ако сакам да го прекинам сето тоа. Таков е маѓепсаниот круг во мојата глава.

Резултатот – за малку ќе скокнев од балконот на 26 кат на 28 април. Никогаш нема да го заборавам денот, само сакав да престанат болката и страдањето.

Се тргнав од ивицата, не знам ни како успеав. Добивањето стручна помош ми го спаси животот.

Ова не е лесно да се напише, но отсекогаш сум била отворена и искрена со сите вас и длабоко верувам дека споделувањето на нашите приказни ќе ни помогне да ги поминеме овие работи и да си помогнеме еден на друг. Го пишувам ова затоа што знам дека не сум единствената што се мачи. Само знај дека не си сам.

Нема да кажам дека сега ми оди одлично, но дефинитивно сум на пат кон опоравување. Некои денови се подобри од другите и понекогаш правам чекор напред-назад, но се борам и верувам дека можам да го пребродам ова.

Јас верувам во следново:

– во ред е да го чувствувам тоа што го чувствувам,

– Во ред е да си тажен, само продолжи да се бориш и вратете се. Тоа е она што се обидувам да го направам и тоа е она што ме одржува.

– Не се срами од тоа што го чувствуваш.

– Во ред е да се чувствуваш вака и можеш да се вратиш од тоа. Можно е, само продолжете да верувате.

Ќе се вратам посилна од кога било – порача Јелена Докиќ на социјалните мрежи.

Јелена не криеше дека со години се бореше со последиците од тортурата што ја доживеа од нејзиниот татко Дамир Докиќ. Поранешната четврта тенисерка во светот еднаш откри дека татко и бил насилен кон неа, а таа за малку ќе се самоубиела поради неговата суровост.

Докиќ последен пат беше виден во јавноста за време на Австралија опен оваа година.