Косовската јавност е згрозена откако на социјалните мрежи беше објавена вознемирувачка снимка од дом за стари лица во Пеќ, на која се гледа како млада работничка, негувателка или медицинска сестра, малтретира и тепа стара жена, жителка на домот.

Од снимките обезбедени од тамошните медиуми се дознава дека тешкиот инцидент се случил некаде во Пеќ.На видеото се гледа како една од вработените напаѓа постара жена, удирајќи ја со шлаканици и клоци.

Имено, вработената е уапсена, а по неа приведена е и главната медицинска сестра на домот. Заменик градоначалникот на Пеќ, Фатмир Аслани најостро го осудува случајот на насилство врз повозрасна жена во Домот за стари лица.

Тој рече дека се занимаваат со случајот и дека го вознемирила снимката од претепувањето на постарата жена.„Сега ја добивме информацијата и се занимаваме со случајот. Наскоро ќе излеземе со реакција“, изјави тој.

Тој побара од органите на прогонот да го истражат овој случај и да ги изречат заслужените казни за сите инволвирани во овој случај на насилство.

„Ги повикуваме органите на прогонот експлицитно да се позанимаваат со овој случај и да го интервјуираат секој инволвиран и да преземат мерки против нив“, додаде Аслани.

Според него, овој Дом за стари лица е даден на концесија на приватна фирма и стопроцентно стопанисува од истата фирма.

Реагираше и потпретседателката на Демократската партија на Косово, Влора Читаку. Читаку рече дека нема сила да го погледне видеото до крај.

„Немав сила до крај да го гледам видеото во кое некои медицински сестри физички нападнаа и психички малтретираа постара жена во Пеќ. Нивните имиња треба да бидат објавени. Да им се одземе правото на работа во здравствени установи, како и да се гонат како криминалци“ – изјави Читаку.