Млад човек од Скопје многу прецизно и детално преку својот фејсбук статус ја раскжува неговата приказна зошто не сака да живее во оваа држава. Нешто што сме го преживеале сите. Ја искршил ногата, но и покрај централизираната служба 112, многу тешко обезбедил некој да му помогне, а и кога конечно дошол до возило на брза помош, неговата голгота не завршува тука.
Синоќа си ја скршив ногата во оваа скршена држава.
Петок бев на работа до 01:00 сабајле, продолжив кај другарка на кратко и си дојдов дома во 04:00, спиев два саати, станав во 07:00 и отидов на еден целодневен саем. Се вратив дома да одморам и назад на работа пак до 01:00.
Беше некаде околу 01:30 кога се случи инцидентот. Возев тротинет накај дома и додека чекав семафор за да преминам пешачки, забележав едно бездомно куче седнато до мене. Не му обрнав многу внимание па ни тоа мене, барем не додека не светна зелено и тргнав да возам. Како се качив на скутерот и ја минев улицата приметив дека нешто скока по мене и ме брка. Се свртев исплашено и видов дека е кучето. Од страв дека ме напаѓа почнав побргу да возам, надевајќи се дека нема да ја достигне истата брзина како мене (25 км на час), но тоа успеа, а јас изгубив
контрола… Не знам како не паднав на земја и успеав да задржам рамнотежа на нозе, но не без последици.
Откако застанав сфатив дека имам многу лоша болка во десното стапало и веднаш седнав на тротоарот. Со ранец на грб, тротинет од една страна а кучето од друга. Очигледно тоа беше расположено за дружење и внимание но јас веќе не.
Прво, не ја гледам вината во кучето, не мислам дека беше агресивно или дека пак “ме нападна”. Скоро секој ден ја возам истата рута, ги поминувам овие кучиња и скоро една година како се движам на истиот овој потег кај Веро Џамбо, јас барем, не сум имал ниту еден инцидент со уличните кучиња. Ова само може да го сметам како многу жална несреќа за барање внимание и љубов од едно бездомно животно кое почнува да спие надвор на 6 степени, среде септември!
Додека седев си зедов некоја минута да се смирам и да проверам каква е штетата на стапалото. Мене лично не ми изгледаше на скршеница ама не можев да застанам на ногата, не можев воопшто да се движам.
Го зедов телефонот во рака и свртев на 194, телефонот ѕвонеше скоро една минутка и никој не ми крена. Сум имал слични искуства кога сум барал полиција, но искрено поинаку го доживеав чувството кога и клучен сервис што треба да ти го спаси животот и да пружи БРЗА помош, воопшто не е брз сервис. Се сетив на 112 и ѕвонев таму. Ми кренаа веднаш, ја објаснив целата ситуација и мојата состојба, ги споделив сите неопходни информации. Тогаш диспачерката ме префрли да зборувам со некој на друга линија; 112 не можеа да пратат амбулантно возило па мораше да ме стават на линија со некој од брза помош, па од таму бев префрлен да зборувам со трет па и четврт човек. Пак, да имаме предвид, седам на темна улица, среде ноќ, бидејќи градот штеди на улично осветлување. Веќе сум во шок и се тресам, ногата ме боли и почнува сериозно да се воспалува, веќе не можам ни да зборувам од збирот на чувства на загриженост и болката која станува полоша со секоја измината минута.
Три пати морав да ја повторам приказната и да побарам помош, и три пати не беше доволно, мораше целиот вработен персонал во овој јавен сервис да зборува со мене наместо еден да запише и да пренесе на останатите колеги, или не знам, да стигнам па да чуете сите одеднаш што се случило. Така завршив на линија со четвра личност која многу сакам да дознаам како се вика а ми ја претставија како ДОКТОРКАТА.
Откако телефонот го зеде четврто лице и ме праша “ШТО Е РАБОТАТА?”, се изнервирав и почнав да викам, нервозно и гласно, зошто морам да се објаснувам толку многу пати пред да ми пратат амбулантно возило. Не знам дали тоа што си сам во 01:30 по полноќ и не можеш да се движиш не е доволно добра причина да ти пратат возило. Можеби не требаше да ѝ викнам, не е културно, но извинете, мислам дека за ситуацијата, кој и да е на мое место, најмалку од сѐ би бил расположен да на цел болнички персонал на линија им објаснува каков проблем си има за да бара амбулантно возило во недела (1 наутро). Сепак, бев свесен, до одредена мера во шок, немир, со грозница и толерантна болка во ногата. Луѓе кршат ребра, раце, врат, остануваат заробени под возила. Дали секој што ќе се јави за брза помош треба да дава интервју како пред медиуми на прес конференција?
Докторката почна да ми вика и така почнав да се расправам со лицето што рече нема да ме прими бидејќи сум бил безобразен со нејзе, да сум се јавел пак кога ќе сум коректен со нив, и ми спушти на телефонот.
Ми се плачеше бидејќи не можев да поверувам дека тој разговор се случи.
Повторно ѕвонам во 112 и одлучуваат дека ќе ги средат барањето сами без да ме поврзуваат пак од едно на друго место. Конечно, после десетина минути добив информација дека е пратено возило но како никој да не знаеше каде се наоѓам и за колку минути ќе дојде возилото. Амбулантното возило дојде и ме одмина… како да не објаснив до детал каде сум лоциран. Ѕвонам пак на 112 и им кажувам дека возилото не ме виде и продолжи да вози по улицата до мене (пред ЦРМ). После уште некои пет минути доаѓаат назад во рикверц по улицата и ме преземаат конечно.
Завршив во Градска. Ме носат внатре, грч ладен ходник полн со муви. Чекам на ред, па влегувам кај докторот во ординација. Објаснив по не знам кој пат што како се случи. Мислам дека не ми ја ни погледна ногата воопшто, туку најбрзо што можеа ми зедоа податоци, ми извадија упат за на рентген и ме испратија кај колегите.
Чекам во ходник за на рентген и почна да ми се лоши и врти во глава, сепак имав спиено само два саати, на работа имав дупла смена и на крај на журка во градска болница. Уште во амбуланта им побарав вода, немаа. Кај докторот во собата побарав вода, немаше и таму. Чекам во ходник, ми се лоши и ми се стемнува, почнувам да викам “дечки мислам дека ќе се онесвестам, ве молам дадете ми вода”, ми се стемнува сѐ пред очи и гледам како сѐ споро се движи, водата никаде.
Влеговме на рентген и ме паркираа пред чешма да се измијам и да се напијам вода, тука малку се врати сѐ назад во фокус и се стабилизирав.
Завршив со снимање и назад кај нив, чекам пак да дојдам на ред и седам во ходниот, не знам дали беше преладно или јас од болки и шок се тресев. На мувите времето им беше одлично. Седам во количката, ногата боса ја одмарам на ладниот под, крв минимално тече од страна на повредата, а мувите беа спремни за шведска маса.
Еден наутро, во македонска болница, во центарот на метрополата, јас бркам гладни муви од мојата крвава нога.
Влеговме назад кај докторот, ги зеде снимките и тука веќе се изгубив. Многу се надевав дека немам скршеници и дека ова ќе помине со малку завој и гази, а не лангета.
Фрактури на неколку места и период на закрепнување од 3-6 недели, минус дополнителните недели физикална терапија по вадењето на гипсот. Преглед пак никаков, ногата никој не ја погледна.
Дојдоа од полиција додека ми ставаа гипс. Почнаа со записникот и ме прашаа дали кучето ме гризнало. Зачудено ги погледнав и реков не знам, стварно не знаев, не се сетив на тоа дека можеби се случило додека ме бркаше. Можеби ќе знаевме ако докторот ја погледнеше ногата и со свои очи, а не само од снимките.
Ова денес сѐ ми се сумираше и ми влезе во листата “зошто не сакам да живеам повеќе тука”. Здравството е катастрофа, сите сме биле таму и го знаеме тоа, реткост е да се најде добар лекар во нашата држава, но не знаев дека состојбата со 194 и брза помош е иста, па ако не и полоша.
Едно нешто што никогаш нема да го заборавам во мојот живот е таа докторска (не)грижа што (не) ја добив по телефон.
Секој изминат ден тука на мои 26 години го поминувам со влегување од една во друга криза и не гледам причина зошто би сакал да останам тука. Сега можеби имам трпение и енергија, млад сум нели, но исто си велам… зошто си дозволувам вака кога можам подобро? Завчера, пример, добив “отказ” од едно од двете места каде работев бидејќи исто така на 26 години во оваа држава треба младоста, здравјето и сѐ што можеш да си го жртвуваш за да не потонеш, и едноставно сфаќам веќе дека животот тука никогаш нема да биде подобар за просечните смртници, кои, ако не се борат самите за себе, знаат дека нема кој да се бори за нив.
Државата сама себе не се сака и сѐ ни е скршено. На сѐ треба да ставиме гипс, но јас веќе губам сили да сакам да го правам тоа веќе.
Поздрав до врвните институции: Министерство за здравство / Ministria e Shëndetësisë Град Скопје Општина Центар
Be the first to write a comment.