Обвинителството и полицијата во Гостивар работат на расветлување на убиството на 28-годишниот во саботата околу 19:30 часот на улицата „Гоце Делчев“.

Според неофицијалните информации од полицијата и обвинителството, порталот на албански јазик „Гостивари сот“ пишува дека постојат сомнежи за самоубиство, бидејќи во близина на мртвото тело било пронајдено оружјето од кое бил испукан куршумот.

Според експертите, пукањето од непосредна близина остава простор за сомневање дека убиството го извршила самата жртва, но тоа мора да го проверат истрагите на органите на обвинителството.

-Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар изврши увид на лице место во близина на семејна куќа на улицата „Гоце Делчев“ во Гостивар, каде синоќа беше пронајдено безживотно тело на машко лице на возраст од 28 години со прострелна рана во главата. Починатиот бил однесен во Ургентниот центар во Гостивар од неговиот татко и таму била констатирана смртта. Врз телото на починатиот ќе се врши обдукција. При увидот на лице место се подигнати траги, како и оружје – пиштол кој ќе биде предмет на вештачење. По наредба на јавниот обвинител, обезбедени се видео записи од камерите на локалните објекти. Преземени се и други дејствија од кои се очекуваат резултати за целосно расчистување на настанот, велат од Обвинителството.

Според сведок кој не сакал да зборува пред камера, а живеел во близина на куќата на жртвата, случајот прво го забележала мајката на момчето, додека подоцна неговите родители заедно со некои соседи го однеле 28-годишниот во гостиварската болница, но за жал не успеал да се спаси. Соседите кои живееле во близина на куќата на настраданиот, велат дека момчето било многу мирно и љубезно кон соседите, па затоа се тажни поради неговата смрт.

Жителите го изразуваат свото сочувство, молејќи се овој случај да биде последен и вакви случаи да не се повторат. Велат дека пред инцидентот не слушнале лоши зборови или тепачки.

– Не знам што да кажам, жалиме, само тоа можам да кажам, жалиме. Сега кога дознавме, не знам што да кажам, рече жител.