На 55 години почина д-р Татјана Петрушевска – универзитетски професор, правник. Се огласија и од Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

– IN MEMORIAM. Со длабока тага ве известуваме дека денес, 11.10.2022 година, по долго боледување почина проф.д-р Татјана Петрушевска, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со нејзината смрт загубивме драга и почитувана колешка и особено ценета пријателка, успешен интелектуалец, извонреден предавач, одличен педагог и посветен наставник. Нека почива во мир!, стои во објавата.

Д-р Татјана Петрушевска беше редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, по меѓународно јавно право, право на меѓународните организации, право на меѓународните трибунали, дипломатско и конзуларно право, мултилатерална дипломатија, мултилатерална дипломатија и Организацијата на обединетите нации, право на Европската унија, заедничка надворешна и безбедносна политика на Европската унија и надворешна политика на Европската унија и на Соединетите американски држави.

Има објавено повеќе од 250 научни и стручни трудови во домашни и странски стручни списанија на теми од областа на меѓународното јавно право и правото на Европската унија.