Претседателот на Економскиот совет на Италија и поранешен министер за надворешни работи Франко Фратини почина на 66-годишна возраст.

Фратини е роден на 14 март 1957 година во Рим, каде што завршил класична гимназија и во 1979 година дипломирал на Правниот факултет. Од 1983 година станал адвокат, две години подоцна станува правен советник на министерот за финансии, а од 1990 до 1991 година бил правен советник во Владата на демохристијанот Џулио Андреоти.

Тој исто така беше министер за регионални прашања и јавни работи во владата на Ламберто Дини (1994-1996), а во 1996 година влезе во парламентот како кандидат на партијата Форца Италија на Силвио Берлускони.

Оттогаш до 2001 година беше претседател на Комитетот за надзор на тајните служби, а на 45-годишна возраст стана најмладиот министер за надворешни работи во историјата на Италија во втората влада на Берлускони во 2002-2004 година.

Тој беше на функцијата еврокомесар за правда, слобода и безбедност од 2004 до 2008 година, кога беше и еден од петте потпретседатели на Европската комисија.

На функцијата министер за надворешни работи на Италија се врати во 2008 година, каде остана до 2011 година, а една година подоцна ја напушти партијата на Берлускони.

Фратини ја извршува функцијата претседател на Економскиот совет на Италија од јануари.

Во 2008 година, како потпретседателот на Европската комисија Франко Фратини допатува во Скопје за да го објави почетокот на дијалогот за либерализација на визниот режим и да го пушти во употреба Националниот визен центар.

– Фактот што Македонија се` уште е надвор од ЕУ, таа бескрајна приказна околу името, е последица токму на недостигот на лидерство. Не е тоа бирократски проблем, туку отсуството на политичка волја, порача Франко Фратини, поранешен потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија во обраќањето пред учесниците на Школата за млади лидери на претседателот Иванов во Охрид.

Последна средба со македонски политичар на Фратини беше со вицепремиерката Славица Грковска, во Рим во јули годинава, со кого разговараа за можностите за соработка во областа на антикорупциските политики, но и во унапредувањето на регулативата за јавните набавки.

Тој нагласи дека за спречување на корупцијата и злоупотребата на јавните средства мора да има јасна и прецизна регулатива, во која сите елементи ќе бидат насочени кон апсолутен интегритет и превенција на корупцијата. Тој додаде дека е важно граѓаните да видат дека правдата функционира и дека таа мора да биде брза и ефикасна.