Лоренцо Инсиње се повлече од своите професионални фудбалски обврски по 8. септември, а „Газета дело Спорт“ објави дека причина е тоа што неговата сопруга го загубила бебето во шестиот месец од бременоста.

Поранешниот капитен на Наполи и неговата сопруга Џени имаат два сина, но очекуваа и трето дете, кое самиот Инсиње го најави ставајќи ја топката под дресот по постигнатите голови за својот нов клуб Торонто.

Но, последните случувања се претвориле во семејна трагедија која ја погодила двојката, а Инсиње десетина дена е ослободен од обврските во канадскиот клуб.

Сонародникот и соиграч, Доменико Кришито, поминува многу време со Лоренцо во овој тежок период, а клубот досега само кратко го објасни неговото отсуство со „семејни причини“.

Ваквиот развој на настаните е објаснување и за фактот што Инсиње и покрај добрата форма не се најде на списокот на Роберто Манчини за претстојните настапи на италијанската репрезентација.