Едно лице го загуби животот, а тројца се сериозно повредени во сообраќајната несреќа што се случи денеска во Букурешт со туристички автобус, во кој од Грција за Романија се превезувале 47 патници и еден возач, сите грчки државјани, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Романските власти се обидуваат да ги расветлат причините за трагичната несреќа со грчкиот автобус во Букурешт. Во трагичната несреќа загина маж на 50-годишна возраст – чиj идентитет не се соопштуваа, а 30-годишна жена е интубирана, додека други 23 патници во автобусот се повредени.

Идентификацијата на починатиот доцнела, бидејќи кај него не биле пронајдени патни исправи, само кредитна картичка за која не се знае дали го носи неговото име.

Грчки дипломатски извори во петокот доцна навечер информираа за трагичната несреќа на грчкиот туристички автобус во Букурешт, дека Амбасадата на Грција е во контакт со роднините на патниците и повредените и дека нема повеќе барања за информации.

Како што јави ЕРТ, според секретарот за комуникации на амбасадата во Букурешт, од 23 повредени, 16 се во болница, а еден од нив паднал во кома. Останатите пациенти се префрлени во хотел во околината.

Во болницата остануваат и двајца тинејџери, кои се во добра здравствена состојба, но го придружуваат повредениот татко.

Истрага за несреќата

Се очекува „клуч“ на истрагата да биде изјавата на возачот. Сепак, според релевантните информации од Букурешт, возачот е во шок и не може официјално да разговара со полицијата која го истражува случајот. Возачот, странски државјанин, бил подложен на алкотест и резултатот бил негативен. Меѓутоа, набргу по несреќата, тој наводно и рекол на полицијата која веднаш дошла на местото на настанот дека се упатил кон Палатата на Парламентот и Google Maps ја предложил рутата преку подвозникот Унири.

Остануваат контрадикторни информациите за причините за несреќата што патувањето на 47 Грци го претвори во трагедија. Првично беше објавено дека можеби имало забуна поради ГПС системот и возачот на автобусот тргнал на погрешна рута, избирајќи пат по кој не смеат да се движат автобуси.

Сепак, како што информираа независни експерти за телевизијата СКАИ, несреќата најверојатно се должи на грешка во производството. Конкретно, тие напоменаа дека реконструктивните работи на тунелот завршиле во септември, но веднаш потоа бил поставен асфалт, што резултирало со забележливо намалување на висината за возилата кои поминуваат, а поради оваа причина, биле поставени предупредувачки ознаки.

Истите експерти дури рекоа дека надвозниот знак, во кој има уште седум несреќи, слични на вчерашната – не ги задоволува меѓународните безбедносни стандарди и тоа требало да биде објавено на електронските мапи и на сите професионални возачи многу пред да пристигнат на тоа место.

Сепак, останува под знак прашалник зошто возачот мислел дека автобусот што го возел може да помине под знакот кој јасно покажувал дека има ограничување на висината од 3,5 метри.

📸

📸