Топката, која го спаси Иван, стигнала до неговите раце за да го спаси од островот Лемнос кој е над 120 километри оддалечен од плажата Посиди каде исчезнаа тројцата Македонци од кои еден се уште е исчезнат.

30-годишниот Иван кој вчера рано наутро беше спасен од товарен брод со гибралтарско знаме, успеал да се одржи на вода повеќе од 18 часа пред да биде извлечен од турските морнари.

На градоначалничката на Халкидики, Анастасија Чалкиа и кажал дека успеал да најде топка во морето и да ја зграпчи, а после со неа да се одржува на морските бранови.

Ракометната топка марка Вилсон, заврши во рацете на градоначалничката, но откако беше објавена сликата, се јави грчко семејство коешто тврди дека топката е нивна и ја изгубиле на плажа на островот Лемнос.

Нивните деца Танос и Трифун кои се играле на островот Лемнос ја изгубиле топката во морето и не успеале да ја спасат. Тоа се случило на 30-ти јуни и според грчкиот веб медиум Вориа, семејството им тврдело дека станува збор за нивната топка, која што по десет дена му се нашла за спас на Иван од Македонија.

Како доказ им ја пратиле и фотографијата од одморот во Лемнос.

Во саботата попладне, тројца македонци по роденденска прослава влегле во Егејското Море во близина на плажата Посиди. Поради силните морски струи во регионот, но и поради лошото време, морето почнало да ги влече во спротивна насока од копното.

25-годишниот Васил бил спасен од сурферка која ги забележала и ја известила спасувачката екипа на чамец, додека 30-годишниот Иван беше спасен по 18-часовно одржување на отворено море, на околу 25 километри од местото каде пливал со другарите.

Двајцата се во болница и се во добра здравствена состојба, но третото момче 28-годишниот Мартин се уште е исчезнат и трае спасувачката мисија.

Од МНР соопштија дека се во контакт со надлежните грчки служби.

Соопштение на МНР:

Нашите дипломатски-конзуларни претставништва во Грција рано наутро добиле потврда дека продолжува и денеска потрагата со спасувачка акција во полн капацитет- хеликоптер и бродови- како претходните два дена по исчезнатиот наш државјанин во местото Посиди, Грција.

Здравствената состојба на двајцата државјани кои вчера и завчера беа извлечени од море е добра, истите се наоѓаат во болница и се очекува нивно брзо пуштање од болница.

Нашите претставништва остануваат во интензивен контакт со надлежните институции на Грција и секоја информација навремено ќе биде пренесена.

Би сакале да упатиме благодарност до крајбрежната стража на Грција, грчкото воено воздухопловство и локалното население/волонтерите вклучени во потрагата за нивниот неизмерен труд и пожртвуваност.