Помалку од еден месец од последниот топлотен бран, живата во термометарот денеска повторно се искачи на невообичаено високо ниво на Пиринејскиот Полуостров каде се измерени 42 Целзиусови степени и на југот на Франција.
Сè почестата појава на топлотни бранови е директна последица на климатските промени, велат научниците, бидејќи се зголемува јачината, времетраењето и зачестеноста на емисиите на стакленички гасови.
Во Шпанија највисока температура од 43,3 степени Целзиусови е измерена во Канделеда, соопшти шпанската метеоролошка служба Aemet. Во другите градови на југот и во центарот, како Севиља и Бадахоз, измерени се 42 степени.
Овој нов топлотен бран, втор во еден месец по оној од средината на јуни, е „сосема невообичаен“ во земја каде што високите температури во лето не се невообичаени, рече Рубен дел Кампо, портпарол на Aemet.
Топлотниот бран започна во неделата и можно е да „трае од девет до 10 дена, така што тоа би можело да биде трет најдолг топлотен бран во Шпанија од 1975 година“, изјави тој за France Press.
„Климатските промени се причина за сè почестите и посилни топлотни бранови“, додаде Дел Кампо, потсетувајќи дека нивниот број е двојно зголемен во земјата во последните дванаесет години.
Најлошото ќе биде помеѓу вторник и четврток, предупредуваат од Aemet, но не можеа да кажат дали апсолутниот температурен рекорд забележан во Шпанија (47,4 степени измерени во Монтор, во близина на Кордоба, во август 2021 година) ќе биде соборен.
Во соседна Португалија за време на викендот температурата на некои места се искачи до 44 степени. Иако денеска температурата беше малку пониска, сепак во околината на Евора на југоисток се очекуваат 42 степени, соопшти националната метеоролошка служба која најавува нов пораст на температурата во вторник и среда.
Во понеделникот топлотен бран ја зафати и Франција од југозапад, објави Meteo-France. Температурите на добар дел од француската територија надминаа 30 Целзиусови степени, а од вторник на места може да достигнат и 39.
Врвот на овој бран најверојатно ќе биде „помеѓу сабота и вторник“ на 19 јули, додава Себастијан Леас од Meteo-France, истакнувајќи дека е премногу рано да се спореди феноменот со смртоносната топлина од летото 2003 година.
Во Велика Британија, каде во понеделник и вторник на југозапад се очекуваат 33 степени Целзиусови, Националната метеоролошка служба издаде т.н. портокалово предупредување за „екстремни горештини“ од недела, со температури над 35 степени.
Be the first to write a comment.