Демонстрантите скокаа во базенот и се излежуваа на креветите, а на големите телевизори гледаа крикет и вести за нивниот упад во претседателската палата и секретаријатот на Шри Ланка, во рамки на низата протести поттикнати од економската криза во азиската држава, пишува „Њујорк тајмс“.

Незадоволните граѓани на главниот град на Шри Ланка, Коломбо, на тој начин, вчера искористија неочекувана прилика накратко да уживаат во луксузот на политичарите, како што наведува американскиот весник. Претседателот Готабаја Раџапакса ја напушти својата официјална резиденција откога беше нападната од демонстрантите.

Незадоволните граѓани се фотографираа во широките салони во резиденцијата што служеше како престојувалиште на британските власти за време на колонијалната ера. Неколкумина готвеа кари и подготвуваа ужина за учесниците во протестите, некои ја пронајдоа салата за вежбање, а други одмораа на добро одржуваните тревници.

Локалните медиуми објавија видеоснимка на која неколкумина демонстранти ги истражуваа и тајните премини до обезбедените простории под претседателската резиденција.

Претседателот на Шри Ланка Готабаја Раџапакса одлучи да се повлече од функцијата на 13 јули, објави парламентарниот спикер Махинда Јапа Абејвардена. Соопштението е објавено откако демонстрантите побараа од претседателот и премиерот да поднесат оставка по упадот во резиденцијата и канцеларијата на претседателот и откако ја запалија приватната резиденција на премиерот. И премиерот на Шри Ланка Ранил Викремесинге е подготвен да поднесе оставка за да се отвори пат за нова влада на единство, соопшти денеска неговиот кабинет.

– Да си заминеа порано немаше да има уништување. И време е да ги вратиме украдените пари во државата – порача една учесничка во протестите.

Притисокот за оставки доаѓа во време на масовни протести поради недостигот на храна, гориво и основни производи, и што Шри Ланка исто така се соочува со банкрот.

Лидерите на опозициските политички партии во Шри Ланка денеска се состануваат за да се договорат за формирање нова влада, откако претседателот и премиерот на островската држава се согласија да поднесат оставка.

Пратеникот од опозицијата М.А. Сумантиран рече дека обединетата опозиција лесно ќе ги собере потребните 113 гласови за парламентарно мнозинство, по што ќе побараат од претседателот Готабаја Раџапакса да назначи нова влада и самиот да се повлече.

Пратеникот додаде дека партиите се надеваат дека ќе постигнат договор денеска.

Премиерот Ранил Викремесингхе вети дека ќе се повлече кога ќе биде избрана новата влада. Во случај на оставка на премиерот и претседателот според уставот, в.д. шеф на државата станува првиот човек на парламентот.