Шведскиот премиер Улф Кристерсон ја назначи 26-годишната Ромина Пурмохтари за министерка за клима и животна средина, со што таа стана најмладата министерка во историјата на Шведска.
Пурмохтари е еден од петте министри од Либералната партија во 23-члената влада.
Новата министерка, која досега беше лидер на Младите либерали, а од таа функција ќе поднесе оставка следниот месец, се истакна со редовни критики за сојузот со националистичката партија Шведски демократи (SD).
„Улф Кристерсон без SD – апсолутно. Улф Кристерсон и SD – не благодарам“, напиша Пурмохтари на Twitter пред две години.
На изборите на 11 септември победи коалицијата на Умерената партија на Кристерсон, либералите и демохристијаните, а шведските демократи ја поддржуваат таа трипартиска коалиција.
SD, антиимигрантска партија, нема да има министри во овој кабинет, туку ќе биде дел од владата на ниво на државни секретари.
Без големо искуство во климатските прашања, новата министерка, родена во ноември 1995 година во предградијата на Стокхолм во семејство Иранци, ќе го преземе ресорот клима и животната средина во земјата каде што најмладата климатска активистка Грета Тунберг (19) редовно ја критикуваше Шведска затоа што не направи доволно за заштита на планетата.
Be the first to write a comment.