Речиси 100 деца починале од акутна бубрежна инсуфициенција од почетокот на годината во Индонезија, соопшти денеска претставник на индонезиското Министерство за здравство.

Неодамна, здравствените власти во Гамбија објавија дека децата починале од акутна бубрежна инсуфициенција откако биле третирани со сируп на база на парацетамол кој се користи за намалување на треската, пренесува Ројтерс.

Прекумерно ниво на диетилен гликол и етилен гликол беа пронајдени во четири сирупи произведени од Maiden Pharmaceuticals од Њу Делхи, кои се продаваа во Гамбија.

Официјални лица на Индонезиската агенција за храна и лекови изјавија дека лековите не се достапни во Индонезија, но оттогаш ја забранија употребата на состојките во сите медицински сирупи за деца.

Претставникот на Министерството за здравство, Сити Надија Тармизи, рече дека Министерството идентификувало 189 случаи на акутна бубрежна инсуфициенција кај индонезиските деца, повеќето од нив на возраст под пет години и 99 смртни случаи од почетокот на годината.

„Сè уште не ја утврдивме причината за смртта“, изјави Сити за Ројтерс.

Здравствените власти минатата недела објавија дека е формиран експертски тим за да го испита порастот на случаите на акутна бубрежна инсуфициенција кај децата и ќе вклучи претставници од Министерството за здравство, Индонезиското здружение за педијатри и Светската здравствена организација (СЗО).

Министерството за здравство соопшти дека разговарало со експерти на СЗО кои ги истражуваат случаите во Гамбија.

Во писмото на Министерството за здравство, се бара од болниците да направат списоци со сите лекови што семејствата им ги давале на децата за да може да се спроведат токсиколошки тестови.