Најмалку 3 лица загинаа, а повеќемина се повредени и пренесени во болница по експлозија на бензинска пумпа во Донегал, Ирска, соопштија официјални лица.

Експлозијата се случила вчера на бензинската пумпа Еплгрин, на периферијата на селото Крислау, кое е на околу 25 километри од градот Летеркени.

Снимките од местото на настанот покажуваат голема дупка и урнат покрив на станбена зграда до бензинската пумпа со остатоци расфрлани околу местото каде што биле паркирани бројни автомобили.

Универзитетската болница Летеркени соопшти дека е во готовност и лекува голем број повредени во експлозијата.

Ирската крајбрежна стража соопшти дека нејзиниот хеликоптер им помага на итните служби на местото на настанот, а Националната служба за брза помош соопшти дека испратиле голем број амбулантни возила.