Една девојка почина во напад на куче во населеното место Катерхам во близина на Лондон, соопшти британската полиција, пренесува Би-Би-Си.

Полицајците биле повикани во Катерхам околу 14:25 часот по Гринич во петокот, поради пријава дека разбеснато куче напаѓало луѓе.

Една жена, на возраст од 20 години, била прогласена за мртва на местото на настанот, додека втората жена претрпела каснување од куче и била пренесена во болница со повреди кои не се опасни по живот.

Полицијата соопшти дека вооружени полицајци дошле во областа Гравели Хил и собрале вкупно седум кучиња. Жената допрва треба да биде именувана, но полицијата соопшти дека нејзините најблиски се информирани.

– Нашите мисли се со семејството на жената која за жал почина попладнево, рече инспекторот Алан Спростон во петокот попладне.