Морнари утрово забележале тело во водата кај Ада Хуја. Кога го извлекле на брегот, сфатиле дека облеката на мажот одговара на онаа што ја носел Матеј Периш од Сплит ноќта кога исчезнал пред новогодишната прослава минатата година во Бетон хол.

На телото биле пронајдени црна маица со специфичен принт, часовник, бела патика и мобилен телефон и речиси со целосна сигурност помогнале да се утврди дека навистина се работи за исчезнатиот Периш, но за официјална потврда ќе се чека до утре.

Кога исчезна младиот сплитчанец, се шпекулираше што го натерало да заврши во студената Сава среде зима, а многумина истакнаа дека неговите пријатели и тој биле во допир со наркотици, иако нема потврда дека Матеј ги консумирал.

Форензичарот Часлав Ристиќ откри дали токсиколошките наоди на телото кое поминало пет месеци во вода ќе можат да покажат такви траги …

– При обдукцијата во судска медицина ја земаат содржината од желудникот, доколку ја имало, и врз основа на тоа и врз основа на анализата на крвта можат да утврдат евентуално дали нешто е земено. Поради изминатото време, трагите се послаби и потешки за откривање, но ако нешто имало, дури и по пет месеци би требало да може да се утврди – истакна Ристиќ за Мондо.

Исто така, за да се проверат сите опции, при обдукцијата сигурно ќе проверат дали повредите на телото извлечено од реката настанале пред или по престојот во водата.

Ристиќ истакнува дека таквите повреди се апсолутно возможни да се разликуваат – и тоа да се докаже.

– Судските лекари со 100% сигурност можат да утврдат дали повредите, доколку ги има, се нанесени додека бил жив или повредите се нанесени после давењето. Значи, ако имало повреди пред да се удави, судските лекари тоа автоматски можат да го утврдат на обдукција, а тоа не е спорно. Повредите настанати по смртта се различни. Ако удрил во некои предмети додека лебдел во вода, се случуваат некои повреди на телото, но тие се сосема различни од оние што му се случиле додека бил жив – заврши Ристиќ.

Откако дознал дека неговиот син е потенцијално пронајден по долга потрага, која не вродила со плод поради тогашните неповолни услови, и таткото на Матеј, Ненад Периш, објавил дека се подготвува да дојде во Белград.

– Го спакував куферот и одам да го земам син ми во Белград. Утрово ми се јави началникот на белградската полиција и ми кажа дека телото е пронајдено низводно од мостот Панчево и дека облеката одговара на истата облека и патики што ги носел Матеј. Резултатите од обдукцијата и ДНК анализата ќе бидат познати денеска, утре или најдоцна петок наутро. Чекам пет месеци. Сите во срцето се надевавме на некоја посреќна вест и дека Матеј ќе биде пронајден жив. За жал, тоа не е така и што и да е морам да ја прифатам вистината која е ужасно болна. Но, верата ме учи дека тука не е крајот и дека еден ден повторно ќе се сретнеме – изјави претходно Ненад за Јутарњи.