Како духовник сум сведок колку многу бракови се распаѓаат, и тоа христијански бракови, на воцрковени сопружници. Христијанскиот брак, а со него и сето општество, се наоѓаат во застрашувачка ерозија и криза.

Денес, можеби како никогаш досега по Христа, е толку актуелна и потребна примената на призивот на Свети Јован за покајание. Од каде оваа ни малку наивна криза? Од тоа што луѓето не внимаваат со техниката, со мобилните телефони, со интернетот и социјалните мрежи.

Виртуелниот свет и комфорот зад тастатурата ги поттикнуваат страстите кај човекот и го потхрануваат егоизмот. Ете зошто денес понеопходен од сѐ е постот од прекумерната употреба на технологијата и од безделничењето на социјалните мрежи.

Ние Христијаните имаме повеќе пости, четири пати во годината, како и секоја среда и петок, но сум забележал дека многу верници обраќаат непотребно големо внимание на храната, а занемаруваат други, многу поважни работи. Сепак, доколку не се воздржуваме од оваа чудовишна појава на фантазијата преку техниката, залудно е постењето од храна и попусто е одењето во храмовите.

Затоа, мили мои, да го прифатиме покајанието, кое значи преумување и промена на начин на живот, бидејќи без него не е возможно да Го спознаеме преслаткиот Христос. Да ја прифатиме пораката, повикот на милиот наш Претеча и Крстител, Свети Јован, за да ги зачуваме браковите и нашето општество.

Епископ Партениј, Игумен Бигорски