Бродот „Аsso“ кон крајот на август испловил од пристаништето Бар во Црна Гора за Малта, но поради проблем со моторот застанал во Италија и тогаш на бродот дошло до експлозија во која тројца членови на екипажот загинале, јавуваат италијанските медиуми, пренесува РТЦГ.

Според порталот corrieredellacalabria.it, меѓу загинатите е и капетанот, 41-годишен Египќанец. Другите двајца загинати се Индијци и имале 37 и 26 години, а несреќата се случила во пристаништето Кротоне.

Експлозијата се случила под палубата додека четворица морнари извршувале некои работи за одржување. Од првичната реконструкција се чини дека членовите на екипажот имале намера да направат некои поправки, но искра предизвикала експлозија на резервоарот за гориво, пренесува РТЦГ.

По наредба на заменикот јавен обвинител Алесандро Роа, истрагата за инцидентот ја води полицијата во Кротоне.

Според она што го реконструирале пожарникарите, експлозијата била толку силна што превртела еден од двата контејнери на бродот.