Маж со иницијали Б.К од босански Нови Град е осомничен дека пукал во двајца работници на „Електрокраина“ и им ја скршил кутијата со алати кога дошле да му ја исклучат струјата во деловните простории поради долг, објави „Електрокраина“.

– Нападот се случи кога работниците на Теренската единица Босански Нови по стандарден повик на Дирекцијата за пазарно снабдување на „Електропривреда РС“ дошле да го исклучат броилото на деловниот објект на дотичниот корисник поради долгот за неплатена струја – велат од „Електрокраина“.

Како што посочуваат од „Електрокраина“, напаѓачот вперил оружје со долга цевка кон работниците и испукал еден истрел од непосредна близина, а со нога ја искршил кутијата во која работниците го носеле работниот алат.

– Кога по вторпат го репетирал оружјето, работниците дотрчале до службеното возило и се оддалечиле. Веднаш повикале полиција, која дошла на лице место, го привела напаѓачот и извршила претрес на имотот на осомничениот – велат од компанијата.

Раководството и колективот на „Електрокраина“ најостро го осуди бруталниот напад и загрозувањето на животот на работниците, кои според нив само си ја вршат работата со која ги прехрануваат нивните семејства. Тие ја поздравија брзата реакција на полицијата која го приведе напаѓачот.

Полициската управа Приједор соопшти дека Б.К. од Босански Нови пукал со пушка во воздух, извршиле претрес во објектот што го користел, а при претресот му одзеле воена пушка со оптички нишан и рамка со шест куршуми.