Хрватското државно правобранителство покрена истрага против млад човек (26) кој е осомничен дека со години рекетирал свештеник во околината на Вировитица. Плашејќи се за својот живот, свештеникот му дал речиси 100.000 куни (над 13.000 евра), му ги подарил неговите два автомобили вредни 17.000 евра и викендицата покрај море во вредност од најмалку 50.000 евра, објавија хрватските медиуми.

Младиот човек се товари дека го оштетил 60-годишниот свештеник за вкупно повеќе од 600.000 куни (околу 80.000 евра).

Порталот Даница пишува дека не е познато каков однос имал локалниот свештеник од областа Вировитица со младиот човек, но дека се започнало во 2019 година кога изнудувачот се заканил дека ќе се самоубие и ќе му направи зло на свештеникот ако не му даде пари.

Поради тоа, свештеникот постојано му плаќал суми од неколку стотици куни. Во една прилика, тој му се заканил на свештеникот со нож и побарал од него да му предаде 30.000 куни за да си ги плати долговите, што свештеникот на крајот го направил во страв за сопствениот живот.

Потоа, во февруари 2019 година, младиот човек му испратил неколку СМС пораки на свештеникот во кои му се заканувал ако не му ги плати долговите. Во таа прилика, свештеникот му го препишал сопствениот автомобил, кој младиот човек го продал за околу 8.000 евра.

Во септември истата година, младиот човек му се заканувал на свештеникот и му држел вжештен предмет на телото, поради што свештеникот плашејќи се за својот живот, го заверил на нотар договорот за донација на викендицата. Се претпоставува дека младото момче ја продало наведената викендица за најмалку 50.000 евра. Само еден месец потоа, свештеникот на младиот човек му го препишал и неговиот втор автомобил, чија вредност е околу 9.000 евра.

Свештеникот решил сето ова да го пријави во полиција дури по инцидентот што се случил во декември минатата година. Додека се возел во автомобилот на свештеникот, младиот човек му вперил пиштол и му се заканил дека ќе го убие него и неговите роднини доколку не му донесе 57.000 куни за подмирување на долговите. Иако свештеникот му дал 50.000 куни, тој подоцна отишол во полиција.